Петар Печков
Објавено: среда, 20 јули 2016
Неодамна беше издаден вториот број на ревијата „Стрип алманах“, специјално издание на постојаното стрип-списание „Креатор“. Издавач е Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес. Тоа е авторски сценаристички проект на Ване Трајков, според чии сценарија стриповите ги цртаат македонските автори: Ненад Станчев, Милан Милиќ, Александар Цакоски, Џошкун Алиевски, Илчо Стојановски, Горан Мазнев, Оливер Цветковски и доајенот Миле Топуз. И во ова издание се застапени автори од странство: Ања Тановиќ од Нови Сад, Србија и Сабахудин Мурановиќ-Муран од Босна и Херцеговина.
„Изданието докажува дека Македонија има талентирана, но недоволно мотивирана стрип-сцена. Омасовувањето на македонската стрип-сцена, како задача на Македонскиот стрип-центар, се остварува бидејќи повеќе од 130 нови таленти поднесоа свои дела по објавениот стрип-конкурс за ученици на ниво на Македонија“, велат од центарот. Делата од овој конкурс се во рамки на неколку настани, како Интернационалниот стрип-салон во Велес и Балканската смотра на млади автори во Лесковац, Србија.
Инаку, неодамна стрип-центарот промовираше и четири стрип-книги во тврд повез: „Цар Самуил“ на Миле Топуз, македонскиот стрип во едицијата „Никад робом“ на Ване Трајков и „Портопалермо“ од авторката Герта Опарику, печатено на македонски и албански јазик.
Tweet |