Петар Печков
Објавено: четврток, 17 август 2017
Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на фотографии „ Убавината ја живееме“ на Љупчо Илиевски. Тој е фоторепортер, вработен во МРТВ како камерман/снимател.
Со околу 30-тина фотографии се претставува пред велешани, сите со мотив дел од животот на Преспанско езеро.
Овој проект го работев три години, благодарејќи на УНДП а дел од фотографиите се објавени во часописот National Geographic. Помина одлично и затоа УХДП реши да направи и изложба и со ена се претстави во земјава и странство. И не само тоа со мотиви од Преспа УНДП направи календар за 2011-та кој беше нивен и како таков претставен во 162 земји од светот, мене, Преспа и Македонија. Така светот ги виде овие убавини. Сакав да се обидам, а публиката ќе каже да го потенцирам спокојот и мирот во Преспанскиот регион - рече авторот Илиевски.
Тој по втор пат се преставува пред велешани, првиот беше лани со фото изложба од Кокино. Илиевски има реализирано повеќе самостојни и групни изложби. Како член на Фотоклуб 25, учествувал на повеќе групни изложби.
Венко Андоновски во подолгиот текст за изложбата на Илиевски која се претстави во неколку градови низ републиката напиша:
Љупчо успеал да го оживее мртвото тело на убавото низ окото на својот апарат („око“ ми е потопло кажано од објектив, затоа што апаратот на Љупчо очигледно е организам, а не механизам). Затоа, сите вие што копнеете по убавото (во ова време на негово прогонство), повелете, погледнете ја изложбата на Илиевски. Ќе забележите како сетилата ви се будат, како по долга анестезија, и ќе станат свесни за бои и форми. Неговите мајсторски фотографии, кои покрај ентериери на цркви, најчесто се фокусираат на природни убавини, се вистински мали сликарски платна, со претопи на бои и форми, со композиции што носат порака, со внатрешна драма на моментот.
Tweet |