Петар Печков
Објавено: среда, 26 мај 2021
Во Ликовниот салон во Велес, по повеќе месечна пауза, беше отворена изложба. Toa e „Автобиографија во слики“ на Новица Трајковски. Тој пред велешани се претставува со 20-тина автопортрети, создадени во последните 20 години. Авторот кој е познат како врвен пејзажист, со ова изложба, трета во Велес, се претставува во друго светло.
„Општо позната фраза е дека уметниците се егоцентрични личности. Речиси секој познат уметник, почнувајќи од: Дирер, Леонардо, Рембрант, Ван Гог, Пол Гоген, Реноар, Пикасо, правеле свои автопортрети. Убедливо прв на таа листа е Рембрант со над 80, втор е Ван Гог со над 30. Авторот Трајковски има 20 автопортрети, но тој сѐ уште е жив, здрав и активен, па може во иднина и да ги надмине големциве. За разлика од старлетите, естрадните уметници, што малку, малку, па ќе направат фото сесија, а потоа на социјалните мрежи ќе објават еден куп „селфија“, автопортретот е сериозна уметничка дисциплина што го покажува односот на ликовниот уметник кон себеси и кон тоа што го опкружува. Како одличен портретист, Трајковски ја има дарбата, како кај класиците, да го прикаже карактерот и психолошката состојба на портретираниот лик, во овој случај себеси“- кажа промоторот Душко Кралески.
Пред публиката се поставени неговите автопортрети, мајка со расплакано дете во рацете -Новица како бебе; загрижено лице со темно-светла, изгорена позадина; љубовна средба со саканата; добро утро со кафенце и чаша вода; шеговито намигнување; шеретско насмевнување или блажена насмевка под капата на Дедо Мраз.
Новица Трајковски има завршено ФЛУ во класата на професорите Димитар Кондовски и Родољуб Атанасов и има реализирано 50 самостојни изложби. Работи како слободен уметник.
Tweet |