Петар Печков
Објавено: четврток, 24 ноември 2022
Во Ликовниот салон во Велес, вчеравечер е отворена самостојната изложба „Технолошки примитивци“ од Сали Ертунч ликовен уметник од Скопје. Тој пред велешката јавност се преставува со 16 дела, графики во боја, изработени во линорез техника. .
„Оваа изложба е мое истражување, започнато 2020 година. Истражувам целински поими, научни дефиниции, научни теории. Кога графика се изработува во боја тоа е долгорочен процес. Од друга страна во тој процес може да се менуваат инспирации, да доаѓаат нови, други, се откажуваш од првичната идеја, па се навраќаш. Техниката ми дава слобода за изразување, на чувствата, мислења, преку резбање на материјалот, дава и можност како материјалот и ефикасно да се искористи“ - кажа авторот Сали.
Ова е негово прво преставување во Велес и четврта самостојна изложба годинава во земјава, но додава дека сите се со различни дела..
Ликовниот уметник Сали Ертунч роден во Скопје во 1990 година. Својата високошколска едукација ја завршува во Факултет за Ликовни Уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, во 2013-та година како дипломиран графички уметник и дизајнер. По завршувањето на своите студии, своето делување го продолжува во Скопје со отворање атеље во скопската Стара Чаршија, кое е дел колективот „Кула“.
Организатор на изложбата е Народниот музеј од Велес а таа е поддржана од Министерството за култура како Проект од национален интерес за 2022 година.
Tweet |