Петар Печков
Објавено: петок, 06 октомври 2023
Вечерва во Ликовниот салон беше отворена изложба на академските сликар Горан Ристоски од Струга, именувана „Траги 2“. Тој се претставува со 18 дела, комбинација од графички принтови, техника линорез, дел се цртежи во техника јаглен.
„Во делата преовладува хроматската , колоритност, поточно безбојност, само со црна боја се работи. Го истражувам тематското човечко уништување, активност кон природата. Тоа се однесува за предели каде јас живеам, струшко, охридско. Претпоставувам дека така е и во Македонија но и пошироко. Тоа е кога природниот пејзаж човекот го уништува и затоа се апстрахирани пејзажи. Првичниот наслов беше избришани пејзажи па го преименував во избришани траги.„ - кажа авторот Ристоски.
Делата се работени последните две години. Ова му е втора изложба, по првата во родната Струга, со овие дела, по што ќе следи во Скопје. Изложбата ја отвори Елица Николова, историчар на уметноста при Народен музеј Велес.
„Неговата уметничка практика се состои од истражување на различни техники и материјали, се изразува преку цртеж, слика, фотографија, графика, инсталација, вклучувајќи и готови предмети. Во неговата творечка практика инспирацијата потекнува од посматрање и реакција на локалните случувања, како тие се рефлектираат врз индивидуата и општеството, промените предизвикани од човечкиот фактор врз природата како и традиционалните трансформации и мемории рефлектирани во современиот свет“ - кажа Николова. .
Изложбата е проект поддржан од Министерството за култура, како проект од национален интерес за 2023 година, во рамките на Програмата на ЛУ Народен музеј, Велес, за 2023 година. Ристовски има завршено Факултет за ликовна уметност, насока графички дизајн, во класата на проф. Димитар Малиданов. Работи како професор во средно училиште во Струга.
Tweet |