Петар Печков
Објавено: четврток, 14 февруари 2019
Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложба UKIYOE – Јапонска графика на дрворези со 26 принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век. Ова е исклучителна можност во Велес да се види уметноста на Јапонија создадена пред 3-4 века.
Овие дела се омаж на убавината на Месечината, црешовите дрва, јаворовиот лист. Омаж на птиците, цвеќињата и идилични пејзажи. Делата го отсликуваат креативниот дух на натпреварот за превласт, помеѓу трговската класа и самураите. Овој жанр го носи пред нас и богатиот свет на кабуки театарот, сензуалноста и рафинираноста на гејшите. Според техниката на изведбата на графиките, печатењето на дебели слоеви боја, врз хартијата овие дела биле нарекувани нишики или брокатни слики, оти наликувале на најквалитетната брокатна јапонска свила. Токму под влијание на овие слики, по нивното прикажување во 1867 год во Европа, започнува модерната во Западниот свет. Тие вршат големо влијание врз мајсторите на модерната -Моне, Мане, Ван Гог, Гоген - кажа Анита Василкова Мидоска в.д. директор на велешкиот музеј. Таа се заблагодари на Јапонската амбасада која ги отстапи делата да ги видат велешани. Дел од авторите на цртежите се: Утамаро Китагава, Кионара Тори, Утегава Тојахиро, Чоасај Ејши, Кубо Шума.
Големите јапонски мајстори за дрворези го отсликуваат Јапонскиот лебдечки свет-UKIYOE од 17 и 18 век. Изложбата е претставена во рамки на проектот MuseumLink, во кој се вмрежени 27 институции од културата ширум Република Македонија.
Преку 26 принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век , до публиката во Велес , допира шармот на „светот кој лебди“ кој е отслик на подемот на трговската класа во градот Едо(денешно Токио) во периодот од раниот 17 век. Раскошните квартови во Едо, во кои самураите и граѓаните ја сочинуваат новата градска класа, која се натпреварува во елеганцијата и рафинираниот вкус, стануваат неисцрпна тема на дрворезите на ukiyoe мајсторите.
Tweet |