Петар Печков
Објавено: петок, 19 мај 2023
Изложбата „Македонија памети. Никогаш да не се повтори!“ организирана по повод 80 години од холокаустот на македонските Евреи и Светскиот ден на музеите е поставена во Ликовниот салон во Велес.
Подготвена е од страна на Државниот Архив на Македонија. Се состои од 19 паноа, на кои се претставени 70 фотографии и 110 архивски документи, кои обработуваат три различни временски периоди од историјата на Еврејската заедница во Македонија.
„Изложбата претставува заеднички институционален научно- истражувачки проект преку кој Државниот архив и Институтот за национална историја земаат директно учество во одбележувањето на 80 годишнината од депортацијата на Евреите од Скопје, Битола и Штип во логорот во Треблинка, на територијата на окупирана Полска. Обидите на Царска Бугарија за реализацијата на така наречениот „Санстефанскиот сон“ во 1943 година, ја впишаа во историјата како земја одговорна за геноцидот на македонските Евреи. Со цената што ја платиле Евреите од окупираните територии од страна на бугарската армија во Втората светска војна, испраќајќи во сигурна смрт повеќе од 7 000 илјади Евреи, Бугарија ја загубила во секоја смисла човештината. Имињата на овие жртви, Евреи, е многу битно да останат забележани, зашто само така ќе се зачува споменот за нив. Државниот архив вклучувајќи се во сите јубилејни одбележувања за историските процеси е тука да не потсети дека меморијата не се заборава така лесно и едноставно. Тука е да не потсети дека постои за да истражуваме и пишуваме“ - кажа д-р Јасмина Дамјановска раководител на Одделение за публикување на архивски материјал.
Таа потсети дека процесот на депортацијата е забележан и во Велес каде до 1943 година живееле две еврејски семејства,семејството Бити познати аптекари и семејството Кова, кое било депортирано во логорот Треблинка. Семејството Бити благодарение на својата професија биле ослободени од бугарските власти, односно потребни како аптекари и лекари, иако биле уапсени, биле вратени во Велес. Бугарските власти не ги депортирале медицинските кадри. За семејството Бити познато е дека се преселило во Израел во 1948 г. и повеќе нема податоци за нив.
Според расположливите податоци за депортираното семејство Кова -Аврам Исак (42 год), Аврам Илија (39 год), Буна Илија (31 год) и Солча Илија (5 год), тоа било трговско и индустриско. Аврам Исак според сеќавањата на велешани бил еден од најдобрите и најхуманите во градот. Во неговата бакалница биле услужувани и оние кои немале да платат. Изградиле куќа во близина на денешниот парк покрај спортската сала, оставајќи му ја на чување на велешанецот Георги Габер, верувајќи дека одат во работен логор, од кој никој не се вратил.
автори на оваа изложба се проф. д-р Лина Жила од Институтот за национална историја, проф. д-р Александар Манојловски од Институтот за национална историја и Гоце Стојановски од Државен архив, подрачно одделение Битола.
Со оваа изложба Народниот музеј од Велес го одбележа 18 мај Светскиот ден на музеите.
„Нашата соработка со Историскиот архив е поодамна, од 1951 година, кога на почетоците од работата на овие две институции сме делеле иста зграда, исти простории. Неколку години наназад имаме и заедничко одбележување на 18 мај, така и годинава“ - кажа директорот на велешкиот музеј Ангел Коруновски.
Изложбата ќе биде отворена следните 10 дена во работните денови, од 10 до 14 ч.
Tweet |