Петар Печков
Објавено: петок, 22 септември 2017
Вчеравечер во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложба на дела од Новица Трајковски. Изложбата е насловена ,, Убава е Македонија,, и е дел од неговиот циклус ,,Божествена љубов,,. Се претставува до 20-тина пејзажи работени во масло на платно и 10 портрети работени со дрвени бои на платно.
Оваа изложба едноставно мора да се види, затоа што има што да е види. Лесно е приемчива за секој посетител. Се работи за многу добар автор, претставник на средната генерација на врвни македонски автори. Има интересен флуид –реализам и модерна жичка која е мошне интересна. Одамна не сме имале така реалистична изложба каде е опфатен пејзажот кој е неисцрпна инспирација - рече скулпторот Ангел Коруновски при отворањето на изложбата.
Трајковски завршил средно уметничко отсек вајарство, а ФЛУ во 1988 година во класата на професорите Димитар Кондовски и Родољуб Атанасов. Самостојни изложби има остварено над 50 и многу групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Живее и работи како слободен уметник.
Ова е дел од целокупното мое сликарство посветено на Божествена љубов. Македонија е исклучителна и најубава и многу белосветски патници со голема љубов пристапуваат кон нашата земја, сите сакаат да останат тука. Од таму сета моја инспирација со љубов и достоинство го сликам тоа што го гледам. Има пејзажи од цела Македонија , овие слики се дел од многуте постени на мојата земја. Има едно од повеќето монументални дела, колку за илустрација. Портретите се повеќето колеги од уметноста и тие се дел од Македонија – рече авторот Трајковски.
Во музичкиот дел од изложбата настапија Менка Богоевска на виолина и Габриела Бачманова на пијано.
Tweet |