речник контакт

Изложбата на Петар Хаџи Бошков, освен што ја врати македонската модерна ги врати и посетителите во Стоби (фото)

Со изложбата во целост се потврдила идејата на директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски, локалитетот да биде жив град

Петар Печков

Големата ретроспективна изложба на дела од скулпторот Петар Хаџи Бошков (1928-2015) е затворена а експонатите вратени во ателјето на авторот. Таа беше поставена во античкиот локалитет Стоби,  без малку еден месец. Со изложбата во целост се потврдила идејата на директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски, локалитетот да биде жив град.

„Во време на траењето на изложбата, локалитетот Стоби беше за пет до шест пати повеќе посетен од вообичаено, а посетителите беа  од други градови не  само од Велес и Скопје. Ова покажува дека секој настан што се случува  тука, предизвикува внимание и интерес кај јавноста.  Така Стоби го добива своето место во културата во земјава. Во текот на нејзиното траење, поради временските услови,  скулптурите беа преместувани, па  така во неколку наврати  беше нова поставка. Или што ќе рече дека изложбата беше жива, во време на нејзиното претставување“ - кажа Перовски.

Изложбата  била посетена  од дел на  дипломатскиот кор во земјава, што директорот Перовски го прави среќен, затоа што дипломатите  дошле фамилијарно, со поширок круг луѓе. Интерес покажале  и попладнето пред затворањето  ја посетија, амбасадорот на кралството Холандија, амбасадорот на Обединетото Кралство, амбасадорот на Германија, заменик амбасадорот на Италија и Евро-амбасадорот од Скопје.  Претходно ја посетил и претседателот на државата Стево Пендаровски, со семејството.
 
„Во рамките на изложбата беше поставена и макета од обелискот, кој беше планирано да се постави во центарот на Скопје, на плоштадот, каде подоцна беше поставен  Коњаникот  (мисли на Александар Македонски или како му е името на овој споменик во центарот на Скопје). Сите нејзини делови беа изложени, за да процениме дека во еден ден ќе може да ги кренеме во целина. Делото беше во висина од девет метри, макета изработена од стиропор, но поради временските услови не опстои“ - рече Перовски.

Перовски потенцира дека немало никаков проблем во текот на изложбата со експонатите, кои заради нивната вредност биле осигурени. Поради изложеноста на временските услови, делата имале променета патина, но конзерваторите  од НУ Стоби  наредните денови тоа ќе го уределе.

Со изложбата „Откривање на иднината, археологија на модерноста“,  целта беше да се врати и актуализира  подзаборавената македонска модерна, современа уметност. Скулптурите на Хаџи Бошков се спој меѓу заштитеното културно добро со современото, кажа  на отворањето кураторот на изложбата Владимир Јанковски.

Изложбата е дел од визијата на директорот на НУ Стоби, Спасе Перовски, локалитетот до биде жив град, да има активности и настани.Така по театарот и музиката, просторот се отвори за нова уметност, преку изложба.

Интересот кој  беше покажан за изложбата, му дало за повод на директорот Перовски да размислува и следната година да има нов настан на локалитетот.  Кратко кажа дека ќе се обидат да реализираат проект за „Денови на Јоанес Стобаеус“, или „Јован од Стоби“. Малку познат лик во Македонија, жител на  градот, благодарејќи на него и неговата збирка, светот ги има текстовите на Еврипид и големите филозофски  текстови. Тој живеел во Стоби на крајот од 4-ти  и почеток на 5-ти век.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »