Петар Печков
Објавено: понеделник, 01 септември 2014
150-те повеќето сириски бегалци на железничката станица во Велес биле пронајдени во меѓународен товарен воз кој тргнал од Солун – Грција а крајна станица било Јегуновце –Тетово. Превезувал ќумур за потребите на тамошната индустрија. Во некои од вагоните, кои биле отворени, и имале пристап пронајдени се слепите патници, бегалците. Биле пронајдени околу 17,30 часот. Според полицијата имало и лица од Ирак.
Четири дена патувавме од Сирија. Преку Турција, Грција, дојдовме кај Вас. Сакаме да одиме на Запад, преку Србија, Унгарија до Германија, Швајцарија. Во Сирија нема живот, се пука, се гине. Затоа заминавме. Не сакаме назад ниту за Грција – велеа илегалните минувачи. Тие не знаеја каде се наоѓаат, во кој град.
Само беа преплашени и изгубени. МВР утврдила дека не се сите заедно и дека се збир од повеќе групи, а секоја група си имала свој водач низ земјите од кои патувале од Сирија преку Турција и Грција до Македонија. Според кажувањата од Сирија кон Турција не им требал водич ниту платиле нешто на некого, но од Турција за да влезат во Грција дел од нив плаќале и по 3.200 евра по човек.
Од Грција за да дојдат до Србија им било побарано од 600-800 евра по човек, а плаќањето било договорено да биде во Србија, откако ќе биле преземени. Од извршениот разговор како едно од местата на качување во возот, била посочена Железничката станица во Идомени во Грција каде илегалците не биле забележани од никого.
МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот. Меѓу бегалците имаше многу деца на возраст од 15 до 18 години, како и три жени. Жедта ја гаснеа со вода од железничката станица во Велес, додека некои од патниците кои чекаа воз, им подадоа нешто од храната што ја имаа, за да каснат оти бегалците тврдеа дека повеќе денови не се јадени и се гладни.
Имаше татковци со деца- синови, кои решиле подобар живот да побараат подалеку до Сирија. Други пак ги покажуваа семејните фотографии, еден од нив се пофали дека има девет деца. Меѓу бегалците имаше и студенти, кои не сакаат да бидат фатени од виорот на граѓанската војна. Повеќето од нив се од градовите Дамаск и од Алепо.
Македонската полиција имала сознанија дека во товарниот воз се крие поголема група илегалци, но не претпоставувала дека ќе бидат во толкав број, до 150. Полицијата побарала од дежурните на станицата да го сопрат возот, да го постават на колосек каде нема електрична струја за да се изврши проверка на вагоните.
Во нив, биле откриени илегалците. Летово ова е втор поголем контингент на бегалци. На железничката станица во Неготино неодамна беа пронајдени 30 до 40 илегалци бегалци исто така од Сирија.
Tweet |