речник контакт

Илија Мајсторов - сопственик на најстариот дуќан во Велес

Велешанецот Илија Мајсторов е горд што тој сеуште ја продолжува семејната традиција, бидејќи е сопственик на најстариот дуќан во градот. За волја на вистината ретко доаѓа во него уште помалку работи, но традицијата стара повеќе од 90 години сеуште опстојува и ја одржува.

Петар Печков

Велешанецот Илија Мајсторов е горд што тој сеуште ја продолжува семејната традиција, бидејќи е сопственик на најстариот дуќан во градот.

За волја на вистината ретко доаѓа во него уште помалку работи, но традицијата стара повеќе од 90 години сеуште опстојува и ја одржува. На ѕидот од дуќанот го покажува одобрението издадено од тогашната власт дека неговите чичковци, заедно со татко му можат да отварат продавница.

Документот датира од 1912-тата година. - Ова беше најстариот дуќан во градот. Во него работеа татко ми и неговите тројца браќа. Се занимаваа со прецизна механика, поправаа машини за шиење, машини за пишување, беа пушкари, поправаа автомобили. Тука беше отворен и првиот колонијал во Велес, се продаваше се, од игла, до машините кои ги одржуваа. Најмногу возбудување предизвикуваа топките кои прв пат се појавија во градот , децата немаа видено и доаѓаа да им купат-објаснува Илија.

Тој е дипломиран професор по хемија, работел во Хемиското училиште, па во Топилнцита, во Маслодајна и во фабриката за вештачко ѓубриво ХИВ, сега дваесет години пензионер. Од тоа што некогаш го работеле неговите предци, денес иако има осумдесет и две години, сеуште знае да поправи огнено оружје или пак машина за шиење.

Семејната традиција на Мајсторови води длабоки корени. Неговите четворица дедовци биле ѕидари.

- Тогаш се знаело дека мајстори можат да бидат само ѕидарите и затоа ги викале мајсторчињата. Овој прекар потоа станал семејно презиме. Случајно и мојот татко биле четворица браќа кои ја продолжиле традицијата на занаетчии. За жал од ова колено останав уште јас, го отварам понекогаш дуќанот за кој сум емотивно врзан-вели Мајсторов.

Просторот крие многу тајни, бидејќи таму можат да се најдат многу работи и предмети со кои се служеле неговите дедовци и чичковци. Уште како дете Илија доаѓал и помагал во работата. Денес дуќанот на Мајсторови е на истото место каде бил изграден, во старото градско јадро на патот кон Долни дуќани, помеѓу стариот Мост, пругата кон Солун и под Градскиот Саат.

Старите кепенци и метални заштитници се единствениот показател за времето што го носи. Тука е и стариот катанец кој се вклопува во сликата на времето кое изминало. Кога отчукува пладне Градскиот саат Илија знае дека е време да заклучи и замине, оставајќи ги спомените до некој друг ден.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »