Петар Печков
Објавено: четврток, 06 јуни 2013
Меѓу дваесетте дела кои конкурираа за наградата ,,Рациново признание,, жирито се одлучи таа да му припадне на Илхами Емин за делото ,, Ѕид што си оди,, во издание на ,,Магор,, од Скопје. Таа ќе му биде доделена на затворањето не јубилејните 50-ти Рацинови средби на 12-ти јуни вечерта во програмскиот дел насловен ,,Мугри,,. Тогаш ќе се врачи и Почесното Рациново признание а годинешен добитник е Романецот Јон Деаконеску. Тој го добива за афирмација на македонската култура надвор од границите на земјата. Жирито наградата ја доделило со мнозинство на гласови.
Најновото дело на Илхами Емин се одликува со модерна раскажувачка постапка. Ги обработува темите на нашето минато и современост. Она што го издвојува од останатите е оригиналниот методолошки пристап и израз на книжевното писмо – рече академик Милан Ѓурчинов во образложението за наградата. Во жирито беа и Катица Ќулавкова, Ферид Мухиќ, Ресул Шабан и Христо Петрески.
Во потесен избор за Рациновото признание останале три, освен добитникот и ,,Историјата на луѓето кои умреа од страв,, на Ермис Лафазановски и ,, Зад аголот ,, на Томислав Османли. Добитникот кој зад себе има 82 години живот и повеќе од шеесет години творештво не го криеше задоволството што ја доби ова награда. Тој започнал како поет, за по првите десетина книги поезија да започне да пишува и проза.
Во мојот долгогодишен живот, овој ден преставува најсреќен. Минав четири политички општествени системи. Тешко ми е да зборувам за себе, оставам другите тога да го прават. Наградата Рацин е исклучителна, поскапа од се. Имам добиено награда и од најголемата награда на туркофонијата, која ја добив во Туркменистан пред десетина години. Рацин за мене е најчистата авторска фигура и личност во Македонското творештво и историја. Без никаква дамка. Кај него постои нешто што е реткост и за светската литература. Тоа е дека тој почнува од почвата од каде се слушнал неговиот прв плач, за да изникне во високо интелектуална личност. Почнал од македонска народна песна за завршува со високи естетски филозофски есени. Затоа очекувам дека допрва да го признае и открие како сопствена универзална хуманистичка вредност. Тој не е гордост на сите жители на Македонија туку и на светска хуманистичка фела и мисла – рече Емин.
Тој напомна дека наградениот роман ,, Ѕид што си оди,, започнал да го пишува 1974 а го завршил 2008-та и непосредна причина е Димитар Солев, член на семејството на Кочо Солев. Емин првата книга ја издал 1951-та ,,Животот пее и плаче,, . Задоволен и среќен е што пишува на два јазика, за него мајчини турски и македонски, што е редок случај на билингвизам.
Мојата мисла, порака низ сите дела е да обединува, да нема делби. Обединување на Македонија кај мене започнува од првите мои стихови и ја оставам на идните генерации и кога биолошки ќе заминам – заврши Емин.
Tweet |