Петар Печков
Објавено: сабота, 17 септември 2016
Велешанецот Младен Најдовски Бади поседува ретка колекција на плочи, која брои повеќе од десет илјади наслови. Тој на јавноста во градот и е познат како поранешен водител во Радио Велес, на емисијата ,,Поп албум,, но и како голем љубител на џезот и блузот.
Бади може да се гордее што сите досегашни фестивали на оваа музика во Скопје ги нема пропуштено, па макар и бил болен, тој е таму присутен.
Џез фестивалот го следам 33 години а блуз фестивалот наесен ќе прави јубилеј 20 години. На сите сум бил присутен. Бев и на ЗЗ- топ, Џо Кокер, Боб Дилан, Карлос Сантана, Џемс Браун. Како тоа да се пропушти, тоа не смее да ми се случи, тоа е непростлива грешка да направам. Бев и на Хулио Игелсијас, што многумина мои блиски се чудеа, ама тоа е величина. Стигнав до без малку илјада емисии на Поп албум на Радио Велес, ама радиото го затворија и пропадна оваа можност - вели Младен.
Неговиот пекар Бади, го добил по познатиот музичар Бади Холи. Во збиркаta на плочи освен ЛП има и околу три илјади синглови. Имал околу 10 илјади, претходно исчистил поголем дел. Тоа подразбира смена, нешто продал други оставил, тие што сметал дека со времето ќе бидат вредни, како и неговите првите плочи. Започнал да ги собира во 1968-ма на 11 години возраст, а прва купена плоча била синглката на Ролингстоунс ,,Статисфекшн,,. Во два наврати бил на нивни концерти. Бил и на Лед Цепелин, Дип Парлп и мноштво други големини од рок сцената.
Слушам рок, рокенрол, џез, блуз, слушам музика сам и со пријатели. Имам секаков вид плочи, различни жанрови, имам и класична музика, македонски и странски автори. Џезот е ќерка на блузот слушам и класика. Не можам да слушам само еден стил, менувам со рок, рок енд рол. Се снабдував на различни начини, од Велес, од Скопје, пријатели, роднини носеа од странство од соседството Грција и Италија, други од Англија, Америка и Германија, од производителите од Белград и Загреб. Беа во ограничен тираж, се снаоѓав, ако некоја плоча ја требам, морам да ја најдам. Ова е скапо задоволство, хоби, тоа е скап спорт, секој ден се судрувам со тој проблем – објаснува Најдовски.
Секој ден по 6 до 7 часа е во собата, чита книги, слуша музика во зависност од расположението. Има плочи кои не ги слушал со децении. Деновиве е преокупиран со читање на книгата за Шпато, која го воодушевила, какви се податоци презентира авторот Ванчо Димитров. Ја има и ЛП плочата со нумери од Шпато, снимена во Дискос и таа сега се врти на неговиот грамофон. Го има и опусот на Александар Џамбазов
Имам доста македонски автори, комплет се од Леб и Сол, потоа Патика, Ден за ден, Бастион, Маја Оџаклиевска, Љупка Димитровска. Можеби е чудно што Маја и Љупка бараат во ова друштво, но тоа е моја почит за нивниот глас и песни кои ги испеале, едноставно морам да ги имам – додава Бади.
Од поранешна Југославија ги има сите ЛП на значајните имиња на рок сцената а ги издвојува Корни група, Тајм, Септембар кој за негов вкус можат да се рамнат со светските имиња. Има ретки промотивни изданија ДЏ синглови од Мајкл Џексон. Има плочи кои вредат по два автомобили или еден стан, но тие остануваат тајна.
Повторно се снимаат ЛП, сега е лесно се порачуваат, ако се има пари веднаш се добиваат. Барам колекционерски изданија. На нив е впишан вкупниот број на издадени плочи и која по ред е мојата. Така имам изданија со 300 до 500 примероци тираж. Одамна е минато времето кога се издаваа плочи во милионски тиражи, тоа мина – вели Бади.
Се присетува на 90-тите кога имаше голем криза со грамофонски игли и тогаш тешко се снаоѓал, тоа било голем предизвик да се најде игла. Среќен е што синот и ќерката продолжуваат со хобито на таткото, синот Тихо свири гитара тој е џезер, додека ќерката Дивна пак е блузер, со татко си доаѓа на сите концерти.
Оваа моја колекција е ризница а музиката дупка без дно. Никогаш не можам да речам готово, завршив. Уште барам некои плочи. Имам некои со по три примероци. Тоа се различни изданија, едната е американско другата англиско издание, но не размислувам дека било која да ја отуѓам – вели Младен.
Најдовски во колекцијата има повеќе од 150 македонски ЛП плочи со народна, староградска, чалгии. Ги има Сариевски, Бадев, Кочо Петровски. Има се од Танец, плоча издадена во 1950-та во Њујорк, исто такво издание и од Охридските трубадури со Климе Садило.
Не можам да слушам друга музика, црнци, американци, ако моето не го познавам. После тоа можам да трагам по странско- објаснува Младен.
Тој е горд на ЛП плочите од велешките автори на сериозна музика Стефан Гајдов, Благоја Николовски оперски пејач, Данка Фирфова Северова, првата македонска оперска певица. Љубоморно ја чува ЛП на канадскиот мандолински оркестар со македонски народни изведи, сниман 60-тите години, од составот Дабанетс.
Tweet |