Петар Печков
Објавено: вторник, 13 февруари 2024
Има готови лични документи, кои не може да се дистрибуираат и достават до граѓаните. Ова беше констатација упатена до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, при вчерашното гостување во Топ тема на ТВ Телма.
Дали е точно дека има неотворени кутии со документи, кои не може д се распоредат по градови, беше прашањето до министерот и ако е така зошто на се распределува кадар да се поделат овие лични документи. Законската обврска за доставување на личните документи по фотографирањето до граѓаните е 10 работни дена.
„Точно е. Недостасува кадар. Во координација со дополнителниот и заменикот министер прераспределени се 30 луѓе. Во овој процес на издавање не може да биде вклучен било кој, треба да добијат соодветни документи, не е така едноставно како што изгледа од надвор. Немам увид колку готови документи се нераспределени, бев фокусиран на отстранување ма чекањето за нови лични документи“ - кажа министерот Тошковски.
Тој одговори и зошто не може да се добие операторот на специјалниот телефонски број за закажување 072/929292.
„Не може да се добие слободна линија, оти има по 500 повика во минута, линијата е преоптоварена“ - додаде Тошковски.
Tweet |