Петар Печков
Објавено: сабота, 24 февруари 2018
Кога станува збор за човечката издржливост, маратоните или популарниот триатлон се спортски дисциплини каде може да се одреди до која граница на издржливост стигнува телото, но и самиот човек.
Луѓето можат со пожртвуваност и тренинг да ги поместат физичките и психичките граници и да се доближат до можностите на „суперчовек“.
Ова е листата од девет докази за човечката издржливост, каде е докажано дека таа е огромна:
73 дена живееле под вода
Биолозите Брус Кантрел и Џесика Фејн десет недели живееле во единствениот светски подводен хотел на Флорида. Тие сметале дека на тој начин ќе научат повеќе за подводниот живот и ќе можат да им дадат поголемо знаење на своите ученици.
438 дена во континуитет живеел во Вселената
Валериј Владимирович е поранешен руски космонаут и го држи рекордот за најдолг постојан престој во Вселената, бидејќи на вселенската станица „Мир“ поминал повеќе од 14 месеци, односно 437 денови и 18 часа во текот на само едно патување. Тој вкупно поминал во вселената над 22 масеца.
264 часа без сон
Американскиот средношколец Ренди Гарднер во далечната 1965 година под надзор на научници од Универзитетот Станфорд поставил рекорд, кој не е надминат до денес. Гарднер успеал да остане буден, без користење стимуланси, повеќе од 11 денови.
86 часа постојано трчање
Во 2012 година Новозеланѓанката, Ким Алан не успеа да го собори рекордот на Американката Пам Рид, која без одмор истрчала неверојатни 486 километри. Алан не успеала иако без престанок трчала 85 часови. Сепак не се откажала и следната година истрчала без одмор 499 километри за над 86 часови.
22 минути без воздух под вода
Данецот Стиг Северинсен во 2012 година успеал да издржи нуркајќи без воздух цели 22 минути.
41 минута без трепкање
На необично натпреварување во 2011 година во Австралија, Фергал Флеминг успеал да издржи 41 минута и 59 секунди без да трепне.
Тениски натпревар од 11 часа на Вимблдон
На Гред слемот „Вимблдон“ во 2010 година Џон Изнер го победи Никола Маи во натпревар кој траеше неверојатни 11 часови и пет минути. Натпреварот траеше три дена, бидејќи е двапати прекинуван поради мрак.
76 часа постојан лет
Пилотот Андре Борсчберг со авионот на соларен погон Солар Импулс 2 летал во континуитет цели 76 часови на релација од Јапонија до Хаваи.
15 дена без храна и вода
Индиецот Прахлад Јани тврди дека создал аверзија кон храна и вода, кои воопшто не му се потребни, а таа негова способност е тестирана неколку пати. Во 2010 година Јани на 82-годишна возраст успеал во една индиска болница да издржи 15 денови без храна и вода.
Tweet |