Петар Печков
Објавено: вторник, 08 ноември 2022
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев на прес конференција даде отчет за сработеното во првата година од неговата работа.
„Имавме година со отежната услови за работа. Средствата кои се прибираа, беа насочени кон плаќање на сметките за струја. Сепак успеваме да асфалтираме, бетонираме, тампониравме, поставивме бехатон на 25 улици. Работевме подеднакво и во градот и во руралните средини. Така ќе биде и до година, рамномерно да инвестираме секаде, планираме да инвестираме 500 илјади евра. Ќе се обидеме тие улици да ги дефинираме со советниците. Истото зависи и од ЈКП Дервен во однос на подземната инфраструктура, водовод, канализација. И тоа ќе одлучува каде ќе работиме. Ќе го слушнам мислењето на граѓаните за Буџетот следната година“- кажа Колев.
Се изработиле три паркинзи. Тој кај Диспанзерот треба да биде готов деновиве, исто и тој кај ОУ Блаже Конески, додека тој кај пазарот каде минеше колекторот, паркингот се води како реконструкција, но бил завршен.
„Направени и платени се три железнички премини, кај Киро Ќучук, во центар кај Новиот мост и кај Дворови, деновиве ќе започне да се прават кај Стар мост и кај Оризари. Реконструирани се повеќе водоводни и одводни мрежи во градот и селата. Поставивме 24 славини на 24 јавни чешми, кои првите денови беа оштетувани, но потоа истите беа прифатени. Поставивме урбана опрема, која е стилизирана и модрено дизајнирана, или кратко кажано нови канти за отпадоци, кои се добро прифатени. Ја подигаме свеста кај граѓаните за чистота, со кампањата „Сакај го Велес “- дополни Колев.
Во овој период од 12 месеци ОУ Св. Кирил и Методиј добил нова спортска сала, се реконструирале фасадите на ОУ Васил Главинов и ОУ Панко Брашнаров и Специјалното училиште. Се направи нов детски забавен парк „Дизни“, игралиште кај Симпо и Гимназија добија нова подлога. Беше предаден во употреба Памп паркот во Градски парк.
„Ставиме посебен акцент на културата. Ги одржавме традиционалните манифестации, ги обновиме запоставените и организиравме две нови фестивалот „5ре“ и Фестивалот на современа ворлд и џез музика. Се одржаа и две масовни спортски манифестации, пливачкиот маратон и атлетска трка, но Спортските игри на младите кои наидоа на голем одѕив и голем интерес кај граѓаните“- рече Колев.
Во овие 12 месеци добиени биле две возила донација, едно за ЈКП Дерен од Светска банка и едно за противпожарната единица од Дирекцијата за заштита и спасување. И годинава дадени се субвенции за инвертори, сончеви колектори и велепоседи. Годинава парична помош за прв пат добија првоодделенците а од следната година и секое новороденче од Општина Велес. За сите нив има обезбедено по три илјади денари. Секоја среда е отворен ден на градоначалникот, за средби со граѓаните, доколку немал некоја итна и недолжна активност.
„Имав исполнета година, 365 дена со различни активности, го дадов максимумот иако може и повеќе. Живееме во година на сериозни предизвици, не знаеме што се случува следниот ден. Имам одлична соработка со претседавачот на Советот. Со поголемиот број од советниците имам одлична соработка, сакаат да соработуваат. Но има некои кои сакаа да работат за партијата а не за градот. Граѓаните тоа го гледаат и следат“ - вели Колев.
За следната година тој најави дека биле обезбедени не од општинскиот буџет, туку преку проекти средства за улици и игралиште во село Сујаклари, реконструкција на спортските терени во Тунел, ќе се реконструира дел од Младински парк, спортските терени во Дворови кај Железен мост.
На прашањето каква е состојба со сметките за електрична енергија, Колев кажа дека до септември се платени сите, вклучувајќи ги и училиштата
„За една година сме платиле 35 милиони денари повеќе, отколку во истиот период претходно. Последната септемвриска беше 2,8 милиони, толку средства префрливме на ЈП Парк спорт за да ја плати, оти со одлука на Советот преку нив оди електричната енергија. Во училиштата е исто како и во општината, се е платено до септември. Во однос на ЈКП Дерен очекуваме со новата одлука на Владата, филтерната станица и пумпите да имаат специјална цена. Енергетската криза нанесе сериозен удар во работата на Општината. Или за овие 12 месеци плативме 40 милиони денари за струја, исто колку што претходната локална власт за сите четири години платила за сметки за струја. Во моментот Општината на сметка има 35 милиони денари и тој се полни солидно“- објасни Колев.
Во однос на реакциите на граѓаните за не замената на истрошени светилки во одредени делови на градот, градоначалникот најави дека од следната година постојните ќе започне да се менуваат со т.н. „лед“ светилки. Тоа би се извршило за шест месеци а плаќањето би било на три години, со што би се решил проблемот. Овој период истрошените светилки од периферните делови на градот се менувале побрзо, додека во централното подрачје темпото било побавно.
За темпото со кое се гради покриениот пазар на долната страна, одговори дека имало сериозни тешкотии со изведувачот. Скокнале цената на челикот и се надева дека до година на пролет тој ќе биде завршен. Една од успешните работи кои се случиле во неговиот мандат го посочува откочувањето на процесот на легализација на дивоградбите, кои со години тапкал во место. Опозицијата пак за овие постапки има најмногу критики.
Tweet |