Петар Печков
Објавено: петок, 15 октомври 2021
ТрМр ги интервјуира кандидатите за градоначалник на општина Велес. Тие одговараа на 12 идентични прашања.
Јас сум Марко Колев, вработен во Центарот за Вардарски плански регион. Како специјалност во мојот професионален ангажман би го издвоил делот на аплицирање на странски фондови од различни домашни и странски организации, за добиваање на неповратни средства. Женет со Ирена, доктор специјализант по педијатрија вработена во ЈЗУ Здравствен дом – Велес, татко на две деца, Анастасија која има 8 години и Огнен кој има 3 години. Живеам во фамилијарна куќа заедно со моите родители и со мојот брат и неговата сопруга. Поседувам кола VolkswagenPolo - рече Колев.
1. Како платениот паркинг во Велес ќе биде решен во вашиот мандат?
- Пред да се донесеме било каква одлука ќе ги прашаме граѓаните, да го видиме нивното размислување па потоа ќе делуваме. Ставот и размислувањето на граѓаните ќе ни биде секогаш на прво место! Меѓувремено ќе работиме на изградба на две нови катни гаражи, едната во центарот на градот која ќе биде на три подземни нивоа и над неа плоштад и втората во близина на автобуската станица на веќе постоечкиот паркинг.
2. Како да се застане на пат на дивоградбите во долниот тек на реката Бабуна, кога предлогот на новиот закон не предвидува нивно отстранување?
- Уште при првиот момент на превземање на власта ќе реагираме долж реката Бабуна со тоа што ќе ги запреме сите градби кои во моментов се работи на нив.
- Секоја следна постапка ќе биде онака како што предвидува законот, ќе почекаме да биде донесен и ќе постапуваме по него.
- Сите постапки кои ќе ги покренуваме, исто како и оваа, ќе биде според закон и никако поинаку.
- Почитувањето на сите правни и законски норми ќе биде основна водилка во функционирањето на Општина Велес.
3. Како ќе го решите сообраќајниот проблем за пристап до гробиштата на двете цркви во градот - Св. Пантелејмон и Св. Спас?
- Ова е проблем со кој се соочуваме веќе подолго време и крајно време е тој да биде решен. Како локална самоуправа ќе направиме студија, ќе ангажираме експерти во областа на сообраќајот, преку кои ќе го донесеме правилното решение.
- Дали тоа ќе биде едноначен сообраќај само во одредени денови или ќе биде во текот на целата година, ќе оставиме да видиме што ќе кажат експертите во оваа област.
4. Какво решение имате за времените објекти?
- Во нашиот град, во најголем дел од времените објекти се сместени мали фирми или занаетчии кои реално едвај крпат крај со крај. Имавме ситуации во владеењето на СДСМ и Аце Коцевски каде голем број на такви времени објекти беа срушени и на сопствениците им беше одземена единствената егзистенција која ја имаа.
- Затоа од позиција на Градоначалник ќе делувам во делот на поддршка на истите се со цел за нивно опстанување, особено во овие услови кога цел свет се наоѓа во една криза поради пандемијата.
5. Велес со години нема фирма која ќе постапува со дивоградби, отстранување времени објекти. За колку време од вашиот мандат ќе се распише и најде ваква фирма?
- Веднаш! Во буџетот на Општина Велес ќе предвидиме средства за оваа услуга. Редно време е да се престане со незаконските подигнувања на градби.
6. Општина Велес нема поднесено кривични пријави за дивоградби, прекршочни за непридржувањето кон утврдените места за плакатирање во избори, за фрлање на смет и градежен шут на јавни површини. Дали ќе го почитувате Законот или како досега ќе премолчувате за неговото кршење?
Законот и законските процедури ќе бидат максимално почитувани. Секој кој што го прекршил законот ќе сноси одговорност. Законот ќе се спроведува на дело.
7. Спортската сала Гемиџии има констатирано недостатоци, поради кои во неа не може да се одржуваат меѓународни натпревари. За колку време од Вашиот мандат ќе ги отстраните и велешани да може да следат вакви настани?
- Салата Гемиџии во последните 4 години ниту е реконструирана, ниту се одржува како што треба. Во прв момент штом се овозможат услови ќе пристапиме кон нејзина реконструкција. Почнувајќи од соблекувалните па потоа и кон се останато. Ќе бидат отстранети сите недостатоци кои се пречка за одржување на меѓународни натпревари.
8. Иако реконструирани трибините на Градскиот стадион, истите не ги исполнуваат критериумите за меѓународни натпревари. За кој периоди ќе ги отстраните недостатоците?
- Во првите две години од мандатот
9. Дали во Велес ќе се врати Питијадата, Вардарската регата, атлетскиот маратон, пречек на Нова година?
- За жал, речиси сите настани во градот се укинаа на штета на велешани.Сите тие манифестации и настани кои беа прекинати ќе бида повторно вратени. Ние и во нашата програма имаме предвидено поддршка на веќе познати проекти и манифестации но воедно и предвидуваме многу нови проекти како на пример “Ноќен атлетски маратон”.
10. Големи средства од општинскиот Буџет се одлеваат за обесштетување на граѓаните поради каснување од куче, но и за нивна стерилизација и вакцинација. Дали сметате дека решение е прифатилиште и дали би го изградиле?
Овој горчлив проблем на велешани ќе биде конечно решен. Како еден од најбитните проекти во нашата програма предвидуваме воспоставување на систем за контрола на сопствеништво на сите кучиња во Велес, вклучувајќи ги и оние кои имаат сопственици но и кучињата скитници.Предвидуваме буџет за помасовна стерилизација/ кастрација за да се спречи размножувањето на улица, основање на регистар на бездомни идомашни миленици со податоци за чип, пол и сл.Изградбата на нов регионален стационар за домашни миленици,секако ќе биде еден приоритетите на Општина Велес.
11. Како планирате да работи кино салата за прикажување на странски хит филмови, која е опремена и се наоѓа во зградата на Библиотеката?
- Како прво ќе ја ставиме во функција за да можат конечно граѓаните да ја користат. Ќе се следат сите модни трендови во оваа област, и ќе сеорганизира проекција на филмови со актуелните содржини на филмската сцена.
12. Колку улици каде има азбесни цевки, истите ќе бидат заменети, во вашиот мандат?
- При реконструкција на улиците кои ни се предвидени во програмата за секоја урбана и месна заедница, најпрво што ќе направиме е промена на азбестните цевки онаму каде што сеуште има, а според информациите кои ги имаме висок е процентот на истите, па потоа ќе пристапиме кон бетонирање или поставување на асфалт.
Tweet |