речник контакт

Инцидент во судницата, обвинетиот сакаше да се пресмета со оштетениот

На Орце Миленковски од Куманово му се суди за разбојништво и тешка кражба над Зоран Смоларски кој е судија во Основен суд Куманово

Петар Печков

Тензично беше на судењето на обвинетиот Орце Миленковски ( 40 год)  од Куманово денес во Основниот суд во Велес.    По сведочењето на оштетениот Зоран Смоларски, Миленковски лут затоа што  сметаше дека оштетениот - сведокот лаже, започна да си ја мава силно главата од масата а потоа и скокна за да се пресметува, поради што мораше да реагираат затворските полицајци.

Дури  тројца  од нив мораа да го смируваат  обвинетиот за да продолжи судењето, кое беше на раб на инцидент и да биде прекинато.  На Миленкоски му се суди за две кривични дела ,,разбојништво,, и ,,тешка кражба,, заедно со Бедрид Ковачи, кој е во бегство а при сторувањето на делата употребиле сила и огнено оружје. 

Настанот се случил на 2-ри јануари мината година, 2017-та во викендичката на оштетениот Смоларски, кој е судија во Основен суд Куманово.  Тој во денешното сведочење раскажа што се случил критичниот ден, кога заедно со соседот Власте Димчевски биле да ја обиколат викендичката. 

Бевме да  видиме каква е состојбата и ништо не укажуваше дека некој има во  куќата оти катанците беа затворени, како што ги оставив. Кога влегов внатре, едно лице, овде присутниот Орце  со пиштол вперен во нас ни се закани ,,стој ќе ве убијам,, . Се распрашуваа што бараме тука, дали на тв сме виделе дека бараат избегани затвореници. Кажа и дека сака да и се одмазди  на судијка која го испратила во затвор, дека до тука дошле со такси кое го одзеле, па замина да провери дали е полн со гориво џипот со кој дојдовме.   Му го даде пиштолот на второто лице Ковачи и му кажа да внимава оти е репетиран. Кога се врати бараа јажиња за да не заврзат, не најдоа. Но најдоа електрични кабли со кои ни ги  врзаа рацете а ние бевме седнати на столици. Власте  го молеше да не го врзува силно, оти рамото му било скршено пред некое време. Поради тоа подоцна тој, откако двајцата обвинети побегнаа, лесно се ослободи од јажињата ме одврза и мене и излеговме надвор да бараме помош. Бев престрашен и денес сум кога ќе се сетам, иако во прв момент мислев дека е скриена камера, дека тоа не може да се случува во реалноста - рече Смоларски.  

Пред заминување Миленковски му одзел 8 илјади денари пари кои биле во џебот на оштетениот, мобилен телефон ајфон, телевизор и друга техничка опрема која била во викендичката.  Со идентично сведочење пред судот говореше и вториот оштетен Власте Дичевски, со тоа што нему од џебот му одзел две илјади денари.  

Обвинетиот Орце Миленковски преку неговиот адвокат Борис Николовски побара вештачење од психијатар, дали можел да расудува во критичниот момент, оти бил наркозависник. Судењето е во Основен суд Велес, поради тоа што  оштетениот е судија во Основен Суд Куманово. Обвинетиот Миленковски во судот во Велес во два наврати беше донесен со силно полициско обезбедување а одлежува казна затвор во траење од вкупно 15 години.    

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »