речник контакт

Исклучително мирна новогодишна ноќ, велат од дежурните служби

Се уште не е родено првото бебе во велешка болница. Четири инциденти пријави велешката полиција. Нема пријави за алкохолизирани лица или сообраќајни несреќи со тешки повреди

Петар Печков

Исклучителна мирна новогодишна ноќ, ако се суди според информациите од службите кои дежураа на преминот од 2023 во 2024 година. Пожарникарите ова деноноќие  немале интервенции. Службата  за итна здравствена помош не регистрира пациенти од инциденти.

„Во текот на новогодишната ноќ имало 49 лекарски интервенции и 11 домашни  посети. Немало алкохолизирани или повредени лица. На 31 во текот на денот имаше 112 интервенции од нив 13 домашни посети. Најчесто пациенти се жалеа на високи температури или беа хронично болни“ - кажа д-р Василка Пановска началник на службата за итна медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.

Во Велешка болница ниту по 34 час од новата година нема новороденче. Затоа ги имало шест последните два дена од ланската година, саботата и неделата.

„Засега нема дојдено да се породи жена на акушерското одделение од велешка болница, го немаме првото бебе годинава. Што се однесува до дежурните служби на новогодишната ноќ, на хируршко одделение нема регистрирано пациенти  кои биле дел од сообраќајки или тепачки, на интерно одделение нема донесено пациенти кои се прејале или биле во алкохолизирана состојба. Или кратко дежурните служби оваа новогодишна ноќ биле без интервенции“ - кажа Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.

Од билтен на СВР Велес, портпаролот Биљана Ѓаковска пријави  четири настани кои се случиле на истекот на мината година.

„На 31.12.2023 во 16.30 часот полициски службеници од СВР -Велес го лишиле од слобода С.К.(39 год) од Велес, затоа што, според пријавеното, во дворот од семејната куќа физички го нападнал неговиот 41-годишен брат со тврд предмет“

„На 31.12.2023 во 21.00 часот во СВР Велес, 50-годишен велешанец пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ бил физички нападнат од неколку лица“.

“На 30.12.2023 во 12.20 часот во СВР Велес било пријавено дека на улица „Архиепископ Михаил“ во Велес, поради недоразбирање околу сообраќајот и по кратка расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ф.Р.(20 год) и 43-годишната З.Р. од Велес, од една страна и Т.С.(52 год) од Велес од друга страна“.

„На 01.01.2024 во 08.10 часот полициски службеници од СВР- Велес ги лишиле од слобода Ј.Ф.(26 год) и Х.М.(26 год), двајцата од Велес, затоа што, според пријавеното, на улица „Борис Трајковски“ во Велес поради наводно претходен долг физички нападнале 31-годишен маж од Велес“.

По документирање на настаните против прекршителите ќе бидат поднесени соодветни пријави. А за некои од  настаните бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

фото ФБ/ александар кочов

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »