Петар Печков
Објавено: петок, 21 април 2017
Секој прв петок, после Велигден кога илјадници велешани го посетуваат, повторно оживува манастирот Св.Димитрија. Манастирот е стар повеќе векови.
Овој ден во православниот календар запишан како Источен петок - Балаклија е ден кога се чествуваат светите води. Тоа е повод два дена, четврток попладне и петок многу народ да дојде и запали свеќа за здравје во овој храм.
Источен петок Балаклија е верски празник посветен на „животодавниот извор“ (или изворот што живот дава) чија сила ја почувствувале не само христијаните туку и други верници. Затоа тука многумина доаѓаат со надеж за спас и верба дека лошите сили ќе бидат истерани.
Манастирот има интересна историја, бидејќи пет века бил затрупан по земја, за да биде сочуван од османлиите и во 1820 откако на сон му се јавил на еден воденичар, Петар Здравев повторно ја види светлината на денот. Затоа велешани со гордост и љубоморно ја чуваат оваа традиција, масовно го посетуваат манастирот.
Но освен него преполни со посетители и верници овие два дена се и неколкуте црквички и параклиси, изградени тука на стрмните карпи Св. Никола, Св. Недела, Св. Петка, Св. Јован.
Празникот се славел во турско, српско, во бивша Југославија и сега во годините на самостојна Република Македонија. На времето на почетокот од 20-ти век, од Скопје доаѓал специјален воз, наменски за посета на манастирот.
Источен Петок Балаклија се празнува поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус и на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите.
Водени од ваквото верување, многумина доаѓаат во месноста Црн камен, која е во близина на манастирот Св. Димитрија. Тоа е вакавско место, каде има водопад висок дваесетина метри.
Верувањето е дека треба да се мине под него три пати и ако водата го намокри човек, желбата се исполнува. Ако пак водата бега од посетителот при минувањето, тој бил многу грешен. На ова место се доаѓа се до Спасовден.
Tweet |