речник контакт

Истражување, секое трето девојче на 15 годишна возраст во земјава е осамено

Секое второ девојче на 15 години во изминатите 12 месеци се чувствувало тажно и безнадежно

Петар Печков

Резултатите добиени од истражување покажало дека  во Македонија 31 процент од девојчињата на 15-годишна возраст се чувствуваат осамени. Тој процент во Европа и Централна Азија изнесува 28.

Истражувањето е дел од Студијата за однесувањето поврзано со здравјето кај децата од училишна возраст и се спроведува секоја четврта година во 51 земја од Европа, Северна Америка, Канада и Русија.

Истражувањето, кое било спроведено на 5.132 ученици, покажало дека секое трето девојче на 15 години во земјава изјавува дека е осамено, а секое второ на истата возраст чувствува дека во изминатата година, поточно 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден во текот на две или повеќе недели, што прекинало да ги прави вообичаените активности.

„Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓу родови и меѓу возрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата. Чести нерасположенија, речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57 отсто од девојчињата на 15 години во нашата земја, а од психосоматски тегоби: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат шест од 10 девојчиња на 15 години“ констатираат  од ХБСЦ.

Истражувањето е спроведено со стандарден прашалник и од добиените податоци се направени компаративни анализи како и национални студии за однесувањето, факторите на ризик, трендовите и контекстите поврзани со здравјето на младите. Во истражувањето биле опфатени неколку основни и средни училишта од Општина Велес.

Истражувањето во Македонија ги следи однесувањата и животниот стил на децата и младите во различни и променливи животни услови, споредувајќи ги со децата од другите региони во светот. Студијата ја истражува улогата на семејството, врсниците и заедницата во градењето на здрави животни стилови, поттикнувајќи го интердисциплинарниот приод кон здравјето како целина од поврзани фактори на влијанија.

Со студијата биле следени однесувањата и животниот стил на децата и младите во различни и променливи животни услови, споредувајќи ги со децата од другите региони во светот.Според ХБСЦ констатирале дека и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години. Кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека менталното здравје е алармантно кај учениците во средно образование. Тоа значи вклучување на сите фактори во елиминирање на проблемот, особено присутноста на родителите во нивниот живот.

Истражувањето е на Центарот за психосоцијална и кризна акција - Малинска во партнерство со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот во Тетово и Општина Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »