Петар Печков
Објавено: сабота, 22 август 2015
Во домот на зетот во меѓувреме ја подредуваат собата за невестата, потоа мајката на зетот, роднините и блиските познати излегуваат надвор во дворот да ги пречекаат сватовите. Меѓу нив може да се забележи кумата која што во рацете држи сито со семе од памук, пченица и пченка, кои ги фрла над главата на невестата кога се доближуваат до куќата.
Кога ќе влезе во дворот зетот слегува од коњот, а по него и сите други сватови. Тогаш деверите го поведуваат коњот со невестата кон прагот на вратата водејќи ја кон внатрешноста на куќата и момите пеат:
Иди, иди, галена милена,
што сме те сичката јесен молили
сичката јесен и сичката пролет.
Ја излези јунакова мајка,
ја излези у рамни дворове,
та да видиш што ти добро дошло,
на сина ти дошла мила снаха,
мила снаха голема одмена.
До прагот, на посланата рогозина го запираат коњот и невестата прави бавно неколку поклони пред куќата, а момите пеат:
Слезни Маро од добраго коња.
Ни слезнује Мара ни зборује.
толко ми се често поклонује:
зашто сака Мара голем поклон
голем поклон големото лозје.
Во тоа време мајката на младоженецот фрла над главата на невестата грст ситни пари и разни видови бонбони, по кои трчаат момчињата од сите страни околу коњот. Потоа таткото на зетот ветува нешто како дар за невестата и таа слегува од коњот, му бакнува рака и спроведувана од деверите, се доближува до прагот, тука и даваат под мишка два леба, на главата и ставаат огламник, со кој мајката на зетот ја воведува во домот. Со тоа сакаат да ја изразат приврзаноста и преданоста на невестата кон новиот дом, кон новото семејство и дека таа со себе ги внесува среќата и богатството. Невестата ја одведуваат во специјално за неа подготвената одаја, каде што таа останува со деверите, мајката и родните на зетот, чекајќи го времето за венчавање.
Откако ќе ја донесат дома невестата сватовите се растураат и си одат дома, исто така и кумот, но по еден час зетот со другарите и со музиката се упатува кај нив со покана за вечера. Прв се јавува кумот, чие присуство на венчавањето е неопходно. На тој обред присуствуваат, освен кумот и неговото семејство, уште и родителите и најблиските роднини на зетот.
Обредот се извршува токму така како и кај сите христијани од православна исповед. Ќе го забележам само тоа дека кумот од дома носи венци за невестата и зетот исплетени од лозови прачки и завиени со ленти во разни бои. По завршувањето на венчавањето кумот и родителите ги бакнуваат осветените венци и самите венчани.
Потоа од главите им ги симнуваат венците и ги ставаат пред домашните икони, каде што остануваат засекогаш напомнувајќи им ја на сопрузите светата заклетва за сопружничка верност и љубов. По венчавањето од лицето на невестата го симнуваат велот и зетот го добива правото да влегува во нејзината соба, зашто деверите му се спротивставуваат кога се обидува да откине неколку жешки бакнежи од својата сакана.
За време на вечерата младоженецот со невестата придружувани од деверите, се доближуваат кон трпезата и бакнуваат рака на кумот, свештеникот и на останатите гости по ред. По вечерата гостите пеат песни играат и најпосле се разотидуваат по своите куќи. Кумот со неговото семејство е испратен од младоженецот до неговиот дом со друштвото и со музика. Со тоа се завршува неделниот ден, најважниот ден на свадбата.
Другиот ден, наутро во 9 часот зетот со музика и со другарите ги обиколува куќите и кани на ручек. Невестата и деверите го пречекуваат кумот на вратата, гувее (прави поклон) пред него и му ја бакнува раката. По ручекот гостите се разотидуваат по домовите, а вечерта зетот повторно ги собира на вечера.
Тој ден мајките на деверите одат кај невестата на посета и носат разни видови слатки и плодови со кои ја честат. Младоженецот уште нема целосно слободен пристап до собата на невестата зашто уште нема „проштевање и благослов“ од кумот, а тоа му се дава одвај на третиот ден. В
о вторникот по истиот ред канат гости на ручек и вечера. Тогаш пак, кумот и сите други роднини на зетот му праќаат дарови кои што се неколку заклани овни и неколку ведра вино. Вечерата тој ден е најсвечена. Кумот и другите гости идат со своите семејства.
Претходно на секој од гостите му праќаат баница, печена кокошка и вино. Кон крајот на вечерата на масата ставаат храна, ставајќи го пред секого неговото. Гостите ги раскинуваат баницата и кокошката, им даваат по половина на своите жени, кои седат на одделна маса спроти нив, самите јадат и им нудат на своите соседи, потоа полнат чаши вино и пијат за здравје на младите сопрузи.
Прв ја крева чашата кумот и додека од устата му течат благослови, другите гости со чашата во рака се наведнуваат и повторуваат. „Амин. Да даде Господ да дочекаш и за синот.“ Во тоа време на трпезата доаѓаат младоженецот и невестата и бакнуваат рака на кумот и на другите гости.
Потоа се појавува мајката на младоженецот и го дарува кумот, од страната на невестата со копринена риза, а од страната на зетот со убава крпа, сите други гости ги дарува со платнени крпи. По таа церемонија започнува балот со целосна веселба, се прави големо оро, секој сопруг ја држи десната рака на жена си, кон нив се приклучуваат момите и ергените.
Напред стојат младите сопрузи, држејќи се за рака, а главен двигател на таа разнобојна фаланга е кумот. Тој и ја подава левата рака на невестата, а со десната си држи крпа и мафтајќи грациозно со неа, тргнува напред, повлекувајќи ја по себе целата поворка игроорци, тука го завиткува, тука го раширува орото, тука го растегнува кругот во права линија, терајќи го да прави, според неговата фантазија сите можни фигури во зависност од широчината на собата или на дворот, каде што се игра орото.
Местото на кумот во орото потоа го заземаат невестата, зетот и другите млади млади мажи, моми и жени по ред. Орото продолжува околу два часа, потоа кумот откако ќе ги награди музикантите, објавува дека време е да си одат дома - - време е да ги прости и благослови младите сопрузи, своите кумашини. Тогаш младоженецот со невестата, придружувани од деверите роднителите и роднините излегуваат во дворот и се наредуваат пред кумот, најпрвин младоженецот му целива рака и му поодава чаша вино.
Тој пак, ја зел чашата, ги опсипува младите со своите благослови со зборовите: „Да имате благослов од Бога и од мене, да даде Господ до година да дојдам на крштење“. По тие благослови кумот ја испива чашата, а останатите капки ги истура на земјата велејќи: „Да ви расте и да ви се роди и на камење“. За сето тоа време невестата, зетот и дверите гувеат т.е. се наведнуваат пред кумот, бавно до појас.
Потоа невестата подава чаша вино по истиот ред. Кумот ја зема чашата, ги повторува благословите со некои додавки и пие. Такви соодветни чаши со благослови се повторуваат три пати. Потоа кумот со своето семејство си оди дома, а по него си одат и сите други гости и самите девери.
Следниот ден во средата утрината печат тиганици. Кумот и деверите идат сами без покана, зетот и невестата ги пресретнуваат облечени не во свадбена носија туку обично, само посвечено. Невестата веќе и помага на свекрвата во домашните работи и пред ручекот му потура на кумот вода да си ги измие рацете.
Во меѓувреме деверите се подготвуваат да одат на гости кај мајката на невестата со прстење, земаат баница, печена кокошка и разни видови прстени и алки (бурми). Таму ги задржуваат до вечерта, ги гоштеваат, ги даруваат со крпи и разна храна за невестата и младоженецот. Прстените и алките се испраќаат од невестата за мајка и, преку деверите, нејзините побратими, како знак на сведоштво за нејзимната чесност, а мајката ги раздава на нејзините пријателки и на момчињата и на момичињата кои идат за ги сакаат.
Тој ден може да се рече дека свадбата завршува, но кажано само во најширока смисла. т.е. дека музиката се распушта, подалечните не идат веќе без покана како што беше во претходните денови, независно од тоа свадбата продолжува до неделата во домашен круг со најблиските роднини.
На крајот, во неделата невестата го изведува последниот свадбен обичај. По ручекот таа зема два глинени садови (стомни) и оди на централната селска чешма по вода, придружена од неколку моми, кои исто носат по две стомни. Таму претходно се собрале многу моми и момчиња и го очекуваат доаѓањето на невестата. Кога ќе се приближи до чешмата таа ги остава на страна и им бакнува рака на момите и на ергените кои за тоа идат кај неа. Откако ќе ја оствари оваа задача невестата си ги зема своите стомни и придружувана пак од момите се враќа дома со среќна вода. Со тој обред за завршува свадбата.
Според материјалот запишан од Константин Петковиќ, што се чува во Архивот на Руската академија на науките, во фондот И. И Срезњевски). К. Петкович е роден во Башино Село, Велешко. Се школувал во Одеса и на Петербуршкиот универзитет.
Tweet |