Аница Солева
Објавено: вторник, 30 мај 2006
Македонските гледачи ќе можат да гледаат телевизиска слика од натпреварите од Светското првенство во фудбал во Германија само на програмите на Македонската телевизија. МТВ веќе ги известила кабелските оператори и приватните телевизии дека ги откупила ексклузивните права од Мундијалот и дека не смеат да емитуваат преноси или снимки од фудбалските терени во Германија. Од кабелските телевизии се бара за време на одигрувањето на Светското првенство да не ги реемитуваат странските сателитски телевизии што исто така на своите програми ќе имаат преноси од фудбалските натпревари. Приватните комерцијални телевизии ќе може само да известуваат за настаните на Светското првенство во фудбал, но не и да емитуваат слика од головите или најинтересните моменти. - Преку Советот за радиодифузија побаравме заштита на откупените ексклузивни права за пренос на Светското фудбалско првенство за територијата на Македонија. Кабелските оператори не смеат да реемитуваат телевизии кои ќе пренесуваат натпревари од Германија, а комерцијалните телевизии ќе може да пренесуваат само прес-конференции или атмосфера од трибините, но не и снимки од натпреварите или од головите - вели Горан Стерјов, уредник на спортската редакција на МТВ. Во Стопанската интересна заедница на кабелските оператори велат дека не сакаат да ја оштетат МТВ, но укажуваат дека не можат да контролираат што емитуваат странските телевизии. - Немаме право без дозвола од сопственикот на каналот да го прекинуваме неговото реемитување. Деновиве ќе разговараме со претставници на МТВ, со посредство на Советот за радиодифузија да го уредиме ова прашање со странските канали - вели Лидија Голубова, претседателка на Групацијата на кабелски оператори. Асоцијацијата на приватни електронски медиуми (АПЕМ) засега нема коментар на барањето на МТВ. Извршниот директор, Виктор Грозданов, вели дека прво треба да го проучат договорот што го има МТВ со имателот на авторските права за Светското првенство во фудбал по што ќе заземат конечен став. Без реклами за време на преносите Преносите од Светското првенство во фудбал нема да се прекинуваат со реклами. - Тоа е правило на ФИФА и на УЕФА. Исто како што е во Лигата на шампионите. Ние тоа правило максимално ќе го испочитуваме. Реклами ќе се емитуваат само во почетокот на натпреварот, на полувреме и на крајот. Кога судијата ќе означи почеток на натпреварот, не смее да има реклами се\' додека не заврши мечот - вели Стерјов. Марјан Блажевски Извор: [url=www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=74C5F37BE00E9B46B5166348738D18EE]Дневник[/url]
Tweet |