Петар Печков
Објавено: вторник, 23 јуни 2015
Дванаесет години затвор за убиство доби кавадарчанецот Муарем Алиев (51 год). Тој беше прогласен за виновен во Основниот суд во Велес, за убиството кое се случи на 1-ви мај минатата година. Обвинителството делото го оквалификува како грозморно и свирепо и дека Алиев со умисла ја лишил од живот Снежана Трајковиќ (50 год) од селото Сирково.
Според обвинението Трајковиќ е убиена со металниот тап дел од секирата со бројни удари по главата и телото, а дамки од крвта се наоѓале по ѕидот од просторијата. Откако жената починала, обвинетиот со стари алишта ги бришел трагите крв од подот и ѕидот а потоа ги ставил во шпоретот да ги изгори. Телото го префрлил во магацинот, каде следниот ден ,,случајно,, го пронашол со негов пријател. Трагите од крв на убинета Трајковиќ се пронајдени на кошулата од Алиев, на секирата со која е извршено убиството и на која има и отисоци од обвинетиот. Според зборвите на обвинетиот, тој Трајковиќ ја нашол во центарот на Кавадарци.
Таа бараше соба за живеење, јас и дадов кај мене дома. Се договоривме за цена од илјада денари. Вечерта на 30 април со мојот пријател Вели пиевме ракија, дојде и Снежана и таа пиеше. Околу 21 часот Вели замина јас испив уште пола литро и потоа што се случило не знам, не се сеќавам. Сабајлето кога се разбудив ја најдов Снежана со рана на главата, лежеше на перница - рече Алиев.
Негираше дека сторил нешто. Но исказите што ги даде пред судот беа спротивставени со тие од истрага пред обвинителството. На суд тврдеше дека не ја допрел, немала рани по телото а во истрага дека ја удрил по врат по што таа удрила во телевизор и имала рани и крв по собата. Пред судот негираше дека ја однел во магацин и ја чистел собата со стари алишпта, додека во истрага зборувал спротивно. Пред судот сведоци беа повеќе лица, межу нив и Вели Османовски со кого следниот ден Муарем го нашол телото.
Муарем ме повика да собираме пржајки. Кога отидовме дома, тој се симна во магацинот, па истрча и рече дека нашол тело од жена. По ова повикавме полиција - рече Османовски. Обвинетиот Алиев живеел осум години во невенчан брак со Снежана Груевска, која тие денови била отсутна. Таа имаше само пофални зборови за Муарем.
Спрема мене беше добар, рака нема кренато. Ако е таков, лош, зошто мене не се обидел да ме убие. Тој се и поднапиваше, ама јас знаев како со него. Откако пред многу години беше удрен со секира по глава, се случуваше на моменти да се губи - рече Груевска. Таа два месеци била кај мајка и во Скопје, во периодот пред и кога се случило убиството. Пред судскиот совет се појави и Жана Ѓоргиева ќерка на убиената.
Се слушнав телефонски неколку дена пред да се случи убиството. Мајка ми се жалеше дека Муарем ја тепал а беше и пијана, тоа го почувстував. Се запознале некое време пред да биде убиена - рече Ѓоргиева. Бранителот на Алиев, адвокат Оливер Гашев сметаше дека обвинителството не понудило мотив за убиството и дека затоа не може да биде со умисла а на секирата имало два отисока и вториот не е откриен чиј е. До правосилноста на пресудата Алиев останува во притвор.
Tweet |