речник контакт

Кавадарчанец загина во сообраќајка на влезот во Велес, двајцата сопатници неповредени

Пожарникарите го ваделе телото на повредениот од провалија висока 10-тина метри

Петар Печков

Утрово околу 6 часот, на влезот во Велес, на Штипско џаде кабината од камион излета од патот, возачот  починал, додека двајцата сопатници минале без повреди.  Јованче Рамов (23год) од Кавадарци им подлегнал на повредите здобиени при падот во провалијата висока 10-тина метри.   

Околу 6,30 часот утрово беше примен пациент, со тешки повреди. Беше реанимиран, но по 30-тина минути почина поради тежината на здобиените повреди – изјави дежурниот хирург д-р Филип Тодоровски.    

Според сведоците камионот изгубил контрола, дали откажале кочниците, дали некоја од гумите пукнала, ќе покаже истрагата, но почнал неконтролирано да вози по патот Велес- Штип, кај бензинската на Макпетрол.  

Во удолницата камионот возеше брзо, како кабината да се одвои од приколката и  излета од патот. Возачот скокна, не ни претпоставуваше дека долу  е провалија, додека други  две млади момчиња излегоа од другата врата без никаква повреда – вели сведок на настанот.   

Веднаш по ова биле повикани велешките пожарникари кои од провалијата го извадиле повредениот  Рамов а лекарите од Итната помош  му ја дале неопходната лекарска нега и го префрлиле во хируршкото одделение на Велешката Болница. Таму од здобиените повреди  околу 7 часот починал.   Велешката полиција  го потврди инцидентот.  

Утрово околу 6  часот  камион  марка „Сканиа“ со  кавадаречки регистарски таблички, сопственост на ПП„ТО-МИ шпед“ од Кавадарци движејќи се по локалниот пат на источниот влез во градот, на околу 250 метри пред бензинска станица на „Макпетрол“, во еден момент изгубил контрола и  излегол надвор од патот, кон провалијата  и запрел над амбисот. Возачот Ј.Р.(23) од Кавадарци во тој момент испаднал од кабината во провалијата, при што, се здобил со тешки телесни повреди -    изјави Верољуб Додески портпарол на СВР Велес.  

Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Велес и увидна екипа од Сектор за внатрешни работи Велес изврши увид на местото на настанот, чија истрага ќе г и открие причините за излетувањето.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »