речник контакт

Како беше ослободен Велес, 9-ти ноември 1944-та

Што се случувало на 9-ти ноември, 1944-тата година. Малку познати епизоди од животот во градот во текот на војната но и потоа

Петар Печков

Раскажувањето е на тогаш 11 дете, денес 80 годишен старец. Настаните се раскажани во прво лице еднина, од мојот татко Живко Печков.

Ослободувањето на Велес започна во 4 часот утрото на 9-ти ноември, со пукање од хаубици од кај Вршник. Германците беа од левата страна на градот, беа стационирани околу денешното пазариште до Автобуска. Нивниот штаб беше во денешен Работнички универзитет и во тогашна Гимназија, сега школото Благој Кирков. Живеевме токму тука, и веќе неколку дена се насетуваше дека нешто ќе се случи во градот.

Партизаните два три дена претходно веќе биле на Којник, Бузаана, раскажуваа постарите, дека се шетале. Таму Германци немаше, тие беа од оваа страна на градот. Избегавме во високите делови на стариот дел, заедно со мајка ми и сестрите,   некој ден претходно. Дури таму и ја пречекавме славата, Митровден, со леб и сол, тоа имаше.

Дедо ми, татко на мајка ми  остана во куќата. Бидејќи беше висока, во тој дел до градот, Германците сакале да стават митролез, но железната порта ги спречила да влезат, не успеале. Никој од старата чаршија не смееше да излезе на улица, веднаш го убивале. Сите беа по домовите. Се пукаше, цел ден. Борбите се водеа до 4 попладне. Токму тогаш се слушна силна детонација, и се крена голем прав облак и чад. Сите три моста во тој момент, Железен, Мало мовче и Стар мост беа кренати во воздух. Имаше некои партизани кои се обидоа да го пресечат гајтанот за динамитот, да не го дигнат мостовите, но со снајпер беа погодени и починаа луѓето.  За еден од нив има и спомен плоча кај галаријата на Мало мовче.

А Германците, откако ги кренаа мостовите, од кај штипско џаде, се упатиле кон Башино село и Скопје. Откако се слегна прашината, градот беше слободен а двата негови дела раздвоени. Утредента партизаните направија понтон за да го спојат Велес. По улиците се славеше, луѓето се радуваа, со црвена боја се пишуваа пораки по ѕидовите. Загинаа околу 30-тина партизани, така се зборуваше а ниту еден Германец и мртов не остана во градот. Си го собраа загинатите во камиони.  Се зборуваше дека фатиле еден жив, некаде кај црквата Св. Спас.  Кога се повлекува освен што ги урнаа мостовите, ја уништија и гевгелиска пруга. Со машина како рало, ги искршија сите прагови. Пругата беше разделена на две. Тоа беше огромна штета.  Од десната страна немаше многу Германци, но големи борби се водеа околу Железничка станица. Таа  беше многу значајна, тука загинаа борци од Кумановската бригада.

Германците веќе чувствуваа дека се ближи крајот и  два дена пред  борбите, ја евакуира Болницата која беше во училиштето Св. Кирил. Памтам дека недела дена пред тоа мојата сестра ја фати слепо црево и докторите ја оперираа, не бараа ништо освен една корпа јајца. Тоа и мајка им  го даде. Како деца одевме таму и ми остана во сеќавање дека близу  Турското школо, сега салата на ОУ Св. Кирил и Методиј, имаше дупка каде докторите ги фрлаа отсечените раце и нозе на тешко повредените  германски војници. Имаше вар и тука завршуваа.

Недела дена пред  ослободувањето Германците   на Битолска пруга, денес  некаде кај Здружение, тогаш поле со афион, уништија 10-тина и повеќе парни локомотиви, да не паднат во рацете на партизаните. Во котелите ставаа бомби и тие експлодираа. Така направија и со вагони со муниција  кои беа на Штипска пруга, и некаде кај Дурутовец беа уништени, дали партизани, дали самите, ама од муницијата која се разлета по околината, и до неодамна имаше експлозивни направи. Знам дека ги чистеа пред некоја година. А по ослободувањето колку деца од Велес настрада, починаа или останаа  инвалиди, без раце или нозе. Токму од тој воз.

Германците насетувајќи дека иде крајот, почнаа да штампаат лажни левови,  кои  цела војна  беа платежно средство во Македонија. Беа серија ЧШ. Така ги знаеме и памтиме.  Ги печатеа во некогашна Гимназија, имаа машина таму. Со нив купуваа стока, коњи, говеда, ги убиваа наводно за храна,  ама јас мислам  со цел да не можат партизаните да добиваат помош. Тие пари беа во оптек. Памтам дедо ми ја продаде нивата,  со такви пари, кој не вределе ништо. По војната кога дојдоа партизаните се виде дека парите – левовите биле лажни, и многу семејства пропаднаа токму поради ова.

Инаку во Велес освен Германци како окупатори, по капитулација на Бугарија, од есента 1943 цела година потоа  имаше многу Австријци, и помалку  Украинци, Кавкази, Белоруси, заробени Италијанци. Дел од нив есента 1944 сакаа да заминат во партизани, па прашуваа каде се партизаните.

Еден Ото работеше во Соколаана,  објаснуваше дека нивната капа одоздола е црвена, ќе ја преврте и ќе  стане партизан. Друг Ханс, пак радиото во комшиите, кое беше програмирано да  слуша само радио Софија и Скопје, го преправи да се слуша радио Лондон. Се собира и Германци и велешани и слушаа. Тогаш тие сфатија дека е крајот и велеа Хитлер капут.  

Една слика исто така  ми остана во сеќавање. Германците од Африка, на Ромел преку лето две години идеа во Велес на одмор, Да на  одмор, покрај Вардар беа во шатори. Бидејќи таму било многу жешко, на тенковите јајца пржеле, доаѓаа тука се одмараа  еден два месеци и враќаа во Африка.

1944-тата пролетта со возови многу Германци заминаа за југ, кон Грција. Тоа беа млади деца околу 15 години, но и старци. Сите мобилизирани за да се спаси веќе загубената војна, тие беа топовско месо за сојузниците.    И нека  остане забележано дека дел од велешките моми се омажија за германските војници, во текот на војната. Сите заминаа пред крајот во Германија. По војната, некоја година подоцна,  доаѓаа со мажите во Велес, немаше проблеми. 

Да кажам и како се градеше разрушениот Железен мост. Го градеа заробените Германци. 4-5 години се креваше по два три сантиметри на ден.  И кога завршија, парна локомотива со еден вагон се движеше по него , мина неколку пати преку мостот, прво полека, потоа се побрзо и побрзо, да се види дали ќе издржи. Доле, под мостот беа инженерите и Германци и наши,. Ако случајно мостот не  издржи, тие први ќе настрадаа. Мостот издржа и до ден денес а заробените Германци потоа беа пуштени дома. И со нив заминаа велешки жени, со инженерите  некои со војницит. Стапија во брак и се земаа. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »