речник контакт

Како велешани наоѓаат начин за преживување

Во Велес се води борба за секое пластично шише

Петар Печков

Во Велес се води борба за секое пластично шише а од  неа корист имаат и собирачите и градот, првите  заработуваат пари а градот е почист. Повеќе од две години, откако започна да работи првиот во Македонија откупен центар и преработувачки капацитет за пет-амбалажа „Еко-ерас“ повеќе велешани најдоа начин, некои за егзистенција други за зголемување семејниот буџет. Според проценките во градот постојат околу 25 групи на собирачи или исто толку семејства живеат од овој бизнис. Некои настапуваат самостојно, некои групно или семејно и бројат до пет лица.

- Иако имам здравствени проблеми, на овој начин го решавам прашањето за повеќе пари дома. Синот е момче на 20 години, тој се срами па јас одам по улица, ѓубришта и собирам пластични шишиња. Месечно се собира до сто евра кои се добредојдени за живот - вели Јованка М. Нејзиниот работен ден трае 16 часа од рано утро до доцна навечер. Се обидува да стигне во вистинскиот момент кога  граѓаните го оставаат отпадот, но да биде побрза од конкуренцијата.

Сите тие имаат разработено тактика како да се соберат повеќе пластични шишиња. Веќе имаат научено кога се празни сметот во секој дел од градот, кога минат возилата на ЈКП Дервен од кои треба да бидат побрзи, за отпадот  да не заврши во нивната мешалка.  

Во продажбата на пет-амабалажата се вклучија и хигиеничарките, кои ја собираат од канцелариите и институциите каде работат, па така неделно и го отстрануваат овој отпад но и печалат.

- Кај мене ова е семеен бизнис, нема не сакам, не можам. Ако им треба пари на децата, нека ги заработат. Нема од што да се срамат, работата е чесна, не крадеме, туку тоа што треба да се преработува го прибираме - објаснува Муарем. Тој на чергата со малото коњче ги крстосува улиците во градот и собира се што е пластична амбалажа.

Сите тие имаат ист проблем, превозот или како собраното количество да се транспортира до фабриката. Ова е така бидејќи цената е повисока ако се донесе до неа а пониска доколку се превземе.

Така „Еко-ерас“ ја откупува 10 денари во складот а 8 денари за килограм доколку дојде да го превземе отпадот а во друг откупен центар лоциран во градот се добива 7 денари за кг.  Бидејќи бизнисот стана доходовен од неодамна во Велес проработе уште една фабрика за рециклирање на пет-амбалажа. Откупната цена е една во лето, кога пластичните шишиња ги има во голема мерка и тогаш е пониска, додека во зима скокнува, бидејќи тогаш се намалува нивниот број.

Иако граѓаните ги фрлаат и пластичните шишиња од маслото за јадење, тие не се употребливи. Преработувачите велат дека поради тоа што мораат да ги перат, не им се исплатува да ги земаат.

Од неодамна во овој бизнис се вклучи и граѓанската асоцијација „Зелена сила“ од Велес. На 15-тина локации во градот поставени се 50 контејнери во кои граѓаните можат да ги оставаат пластиката и досега собрани се двеста килограми пластична пет амбалажа или четири илјади шишиња во првите два месец од акцијата „Селектирање на цврстиот отпад“. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »