речник контакт

Како зборуат велешани

Велешани се горди сметаат дека зборуваат најправилно, а другите говори во Македонија, според нив се измешани, смешни и извртени. Репортажа на Би-Би-Си

Петар Печков

Велешкиот говор спаѓа во групата на централни говори, од кои е земена основата на македонскиот литературен јазик. Поради тоа велешани се горди и сметаат дека зборуваат најправилно, а другите говори според нив се измешани, смешни и извртени.

Во центарот на Велес, во Сармаале седат група постари граѓани, кои нагласија дека се 'чисти велешани', односно дека потекнуваат од стари градски велешки фамилии, известува Дијана Ристова(патем родена велешанка).

Ги прашав што мислат за велешкиот говор?

„Велешкиот говор е чист македонски. Нема никаква грешка. Во другите градови се’ е измешано."

„На телевизија и на радио, мене ми се чини дека сите велешки зборуваат."

„Нема некои зборови 'шо' во книгите ги нема, а ние не ги 'зборуеме'. Како кумановчани или гевгеличани 'патати' викаат за 'кромпири', па за едно за друго. Кај нас се знае 'кромпир' пишува во книгата 'кромпир' викаме."

„Најправилно“

Сите анкетирани граѓани рекоа дека во Велес се зборува најправилно.Инаку, во литературниот јазик е „компир“, а не „кромпир“ како што велат велешани.А што мислат тие за другите говори, дали ги разбираат?

„Од Кавадарци и Неготино слабо ги разбираме. Они 'вртат' некако. Во Куманово исто по нивно се 'зборуе'."

„Чисто 'математички' е битолскиот говор."

„Во Кочани викаат ’боб’, а што е тоа ’боб’, треба да знаеш и да памтиш ".

Слично размислуваат и помладите велешани :

„Од другите градови некако смешно зборуваат, други некако поостро. Тие што учат со нас, а што доаѓаат од Кавадарци, зборуваат најсмешно."

Во велешкиот говор има некои зборови што се употребуваат локално и не се користат во другите говори.На пример ’зуски’ за ’џамлии’, ’саказ’ наместо ’гума за џвакање’, ’безеље’ за ’грашок’, ’јалигра’ за ’боранија’, ќе испаднеме наместо ќе излеземе и некои други:

„Ако сакам некогаш чисто месо, нормално на касапот ќе му кажам, сакам чиста к'јма да ми сомелеш."

„К'јма е мелено месо се знае. Ние к'јма викаме. К, па со запирка ј."

Постарите граѓани користат доста турцизми, кои полека се губат и не се прифаќаат од помладите.

„Стари велешани ’риза’ викаат. Знаеш ли што е риза? - Кошула. ’Сетре’ е палто. Тој е стар збор велешки, може и турски да е. Овие зборови веќе се изгубуваат. Но, ние што сме постари се’ уште си ги употребуваме."

„Во едниот, двата, трите...“

Во 2007-та  излезе од печат книгата 'Така се зборува во Велес', што ја приреди Снежана Петрова Џамбазова, магистер по филолошки науки.Книгата го регистрира велешкиот говор на велешани родени во првата половина на 20 -тиот век.

Петрова Џамбазова забележува дека 'вокалното л', наместо ’ол’ како што е во стандардниот јазик, кај постарите жители се изговара како 'л’, на пример „в'лк“, „ж'лто“, „п'лно“ или само „м'зе“, „с'нце“.

Потоа, испуштање на последната согласка во некои едносложни зборови како „стра“ наместо „страв“, „гра“ наместо „грав“ или „Вла“ наместо „Влав“.

Но, и една карактеристика што е типично локална, а е прифатена и од помладите генерации:

„Членувањето на броевите кога се изразува времето во часови. На пример ќе се сретнеме во едниот, во двата, во трите. Во другите говори не се среќава оваа карактеристика. Ова е една локална карактеристика и тоа само за градскиот велешки говор."

Текстот е преземен од радио Би-Би-Си, секција на македонски јазик

фотографијата е на Драган Ристовски

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »