Петар Печков
Објавено: сабота, 24 декември 2011
Пратеници од власта и опозицијата од Велес своите контакти со граѓаните ги остваруваат во партиските простории бидејќи општината не им дала соодветни. Овој проблем се провлекува со години, истата состојба беше и со претходната и со сегашната локална власт. И Димовски од ВМРО-ДПМЕ и Николов од СДСМ велат дека нема граѓанин што не го примиле. Тие пак велат ги кажуваaт нивните маки но има малку решение.
Не е проблем да се стигне до пратеникот, подобро до тој од власта отколку од опозицијата. Бидејќи се знае кој може да го реши прашањето. Сослушани сме, иако се чека во редица со часови, и до полноќ. Но кога ќе се симне од дневен ред проблемот, е тоа е најважното – вели граѓанин кој имал мака и чекал на прием. Најголема заинтересираност имало за прием кај пратеникот Димовски.
Секоја среда имам средба со граѓаните, за жал во партиските простории, бидејќи друга нема. Можно е да не остварам договорни средби, во деновите кога поради обврски во Собранието сум ангажиран таму. Ги користам и современите видови на контакти на интернет, преку електронска пошта, фејсбук, па и на овој начин сум во врска со граѓаните и нивните проблеми – вели Илија Димовски.
Неговиот колега Ѓорги Коџобашиев од ВМРО-ДПМНЕ исто така има приемен ден во среда. Граѓаните најчесто се жалат на нивните лични проблеми, вработување, социјала, беспарица додека во помал број има реакции за некој проблем кој засега поголема група на граѓани. Пратеникот од опозицијата, вели дека нема граѓанин што не е сослушан, иако ниту тој има просторија.
Контактите ги остварувам по потреба на граѓаните. Тие доаѓаат кај секретарот во партијата и кога имам слободен термин ги повикувам за да кажат што мака ги тишти. Знам дека има многу лица кои не сакаат да дојдат да разговараме во партиските простории, но засега се такви можностите – вели Марјан Николов пратеник од Велс од редовите на СДСМ.
Tweet |