Петар Печков
Објавено: понеделник, 04 февруари 2013
На улица Благој Ѓорев, кај зградите наречени Убавица, преку ноќ некои велешани се обидоа да изградат дуќани. Подземните гаражи, тие без дозвола од локалната власт си ги пренаменија во продавници. Заради исполнување на нивната желба исекоа три дрва од неколкугодишни брези, што се гледа на фотографијата која ни испрати посетител.Сето тоа се случувало во попладневните часови, кога надлежните не се на работа.
Ископаа и неколку кубици земја, дури направија и скалила, по што беа сопрени во нелегалната работа од страна на комуналниот и градежниот инспектор, но реагираа и од ЈКП Дервен заради уништување на зеленилото. И сега е статус кво, ѕидовите од гаражите искршени, земјата собрана, дрвјата исечени а дозвола за пренамена тројцата сопственици немаат. Прашањето кое велешани го поставуваат, ќе ја вратат ли сторителите на ова дело, кое може да биде и кривично, во првобитна состојба нарушениот изглед на овој дел од градот?
Tweet |