Петар Печков
Објавено: сабота, 31 август 2013
Катар по ништо не се разликува од околните земји на Арапскиот Полуостров – толку е богат што се е екстравагантно. Ова мало кралство во Персискиот Залив, со повшина од 11.000 квадратни км. и околу 700.000 жители, воодушевува и остава без здив! Бидејќи, Катар не оди кон иднината, туку трча! Иако оваа земја не може да се пофали со богата историја и славна традиција, во Доха, престолнина на овој емират, која има околу 300.000 жители, можат да се видат најскапи примероци на целата исламска уметност, богати колекции на книги од цел свет и скапоцени слики на славни уметници.
Новиот емир, Тамим, одлучи од Доха да направи регионален хаб-центар и секој да посака да го посети неговото софистицирано кралство.
Жителите на оваа мала земја со големо богатство, до средината на 50-тите години од 20 век живееле од риболов и вадење на бисери. Тогаш мнозинството живееле на северниот дел од земјата, поблиску до Бахреин. Од моментот кога се најдени неисцрпни резерви на нафта и гас, сите се преселиле на југ. Сега жителите на Катар живеат како сакаат и каде сакаат, а останатите милион жители, според можностите. Бидејќи, Катар има доволно гас да го затопли целиот Антарктик.
Во шега обично се вели дека Катарчанец што има една куќа, едно возило и една жена е сиромашен човек! Кога Катарчанец ќе се одлучи да изгради куќа, дозволата ја добива за еден ден, а половина пари кои ги вложил, државата му ги враќа. Инаку, во Катар не се плаќа данок, што е причина зошто милион странци работат во оваа земја. Тие доаѓаат од сите светски држави, од Британија до Непал, од Филипини до Мароко, а меѓу нив се и 2.000 граѓани на Србија.
Бидејќи е невозможно да се добие катарски пасош (без разлика колку и да се живее таму, да се омажите за Катарчанец и да родите син), а сопственик на земја не може да биде странец, Владата се досетила како да заработи и од недвижнините. Се одлучиле во главниот град Доха да градат вештачки острови на кои странците купуваат станови.
Таква е Перла, новата населба во облик на школка, со бисер во средина, наредена со луксузни шопинг центри, модерни солитери и баснословни јахти.
Најубав поглед на Перла се пружа од хотелот Хајат, во кој Катарчани сакаат да ги поминуваат викендите. Овој легендарен хотел има најубав спа центар, бранч во петок попладне и плажа на која богаташите дивеат на скутери. Бранч во петок е главен настан на неделата во кој семејствата уживаат заедно.
Сепак, во овој хотел е најинтересен луксузниот спа центар со златни славини и посебен влез за мажи и жени, но во кој постојат соби и за вљубени двојки.
Традиционалните берберници и денес постојат, а многу туристи уживаат во третманот, популарно наречен фул гулфи, кој подразбира потстрижување, педикир, маникир и масажа. Мажите во Катар многу држат до себе, облечени се во совршено бели фустани, исклучително се уредно избричени и напарфимирани со француски парфеми. Во Катар владее култ на убавина и спортски начин на живот, па ако низ улиците прошета елегантно пополнет маж, сите знаат дека е некој од соседните земји.
Катарчани живеат исклучиво во куќи, странците во станови. Пристоен стан може да се изнајми за 700, а да се купи за половина милион долари. Во Перла на девет вештачки острови, во луксузните станбени единици ќе живеат 50.000 странци, а во изградба е и нова населба Лусаил, за 150.000 жители.
Имено, за Доха многумина слушнале дури откако го доби Светското фудбалско првенство во 2022 година. Фудбалот е сега голема страст на катарските благородници кои се натпреваруваат во купување на британски и шпански фудбалски клубови, а сега се завршува копијата од стадионот Олд Трафорд. Поради љубителите на фудбалот оваа година почна изградба на метро кое целосно ќе биде завршено за четири години. Се гради и нов стадион за Светското првенство во фудбал. Постоечкиот Халифа има 55.000 места, отворен кров и еркондишен. Додека надвор е 55 степени, внатре е 25 степени. Покрај него има хотел висок 320 метри со факел на врвот, кој кога е запален, се гледа од сите делови на Доха.
Покрај стадионот се наоѓа и уште една голема атракција, шопинг молот Велаѓо, кој е совршена копија на Венеција. Долж Гранд каналот се нижат продавници од светски брендови и слаткарници, а на крајот се наоѓа лизгалиште. Во тек е изградба и на снежен парк, за да можат малите Катарчани да уживаат во снежните убавини. Инаку, шопинг моловите играат голема улога во социјалниот живот на Катарчаните. На летната температура од над 50 степени, моловите се единствено место каде можат да се дружат, да одат во кино, да шетаат, забавуваат или да се возат со гондоли. Бидејќи дишењето преку ден е речиси невозможно, апсолутно се е климатизирано, па дури и автобуските станици.
И хиподромот и Екуистериан клубот имаат еркондишен, како и хотел за коњи. Во него се наоѓаат 500 сортни коњи од сите краишта на светот, сместени во луксузни боксови, со скапа опрема и базен длабок 3,5 метри и останати благодети за омилените животни на кралското семејство. Трките се одржуваат од октомври до мај, кога е шпиц на сезоната во оваа земја. На туристите им се многу повозбудливи трките на долгоногите камили кои трчаат по песок со 40 км на час! Овој убав настан, во стилот на Лоренс од Арабија, исто така се одржува само во зимските месеци, а за разлика од претходните години место џокеј на грпките на камилите се наоѓа робот тежок 26 килограми. Наградата за победникот е 5.000 долари!
Коњите се омилена забава на стариот шеик Хамад бин Калифе, кој практично ја основал државата. Тој кон крајот на јуни престолот го предаде на четвртиот син, шеикот Тамим, кој со 33 години е најмлад арапски лидер.
Наспроти тоа што Катар има крал, целиот емират диши во ритамот кој го дава кралицата, мајка на шеикот Моза бинт Ал Насер. Оваа прекрасна жена направи повеќе за својата земја од сите досегашни влади. Благодарение на неа, шените почнаа да ги симнуваат веловите, а на катарскиот Универзитет секоја година дипломираат 150 момчиња и 800 девојки! Жените сега ги заземаат клучните места во државата, па и директорските.
И шеталиштето покрај морето е најдобар доказ за женската супериорност. Бидејќи, на седум километри долгата патека можат да се видат сами жени како шетаат и лежат на тревата, па дури и сред ноќ, додека на мажите влезот во паркот им е забранет! Доха, велат е најбезбеден град на светот.
И на стариот сук, Вакиф, постои дел на кој само жените продаваат храна и стока која ја произвеле. Во 1940 година во Доха, постоел само еден кружен тек на кој по цел ден стоел еден полицаец. На луѓето им било чудно како може цел ден да стои па целиот сук го нарекле Вакиф – што значи исправен. И денес, полицајците ја носат истата униформа од пред 70 години, кога земјата била под британски протекторат.
Сук е идеално место за кафе, посебно навечер и посебно ако уживате во мирисот на наргиле со вкус на јаболко. Тука се продаваат килими од Багдад, зачини од Иран, маслинки од Сирија, египетски памук, соколи од Србија, папагали од Австралија. За жал, оригиналниот сук практично не постои, бидејќи во целост е реконструиран, до перфекција чист, уреден и разладен благодарение на клима уредите.
И Златниот сук, исто така се наоѓа во згради од 60-тите години, но сјајот кој блеска од него го чини вечен. Покрај златниот накит за секој дел од телото, тука можат да се купат и прекрасни бисери, а цената е како и секаде на Ориентот, релативна.
Неизбежна е и посетата на Музејот на исламската уметност, во кој посетителите се восхитуваат на персиските теписи, прекрасните турски мозаици и презицните резби од Дамаск, но и архитектурата на кубистот Пеија кој изградил фантастичен хол во стилот на минаре од Самара.
Културата е важен дел од животот во Доха, а љубителите на класичната музика можат да уживаат и во филхармонијата која се наоѓа во концертната сала која има атмосфера од 19 век. Сепак, посетителите на Катар најмногу уживаат во културното село Катар. Во оваа населба, која ја основа шеикот Моза, се наоѓаат вили за уметници, преубави плажи, ресторани, галерии, кина и амфитеатар со 1.000 места, со фантастична акустика. Со комплексот доминира споменик посветен на жената.
За тоа време мажите можат да лудуваат по песочните дини високи и до 200 метри и со џипови тојота да се спуштаат се до стрмните морски бари кои во текот на ноќите се создаваат недалеку од брегот. Скапите, големи и брзи автомобили се омилена забава на мажите во оваа земја. Покрај лов на соколи, омилена забава на Катарчаните е одење во резерватот на еднорози. Секако се работи за бел орикс со два рога, кој благодарение на својата елеганција бил инспирација за сказните за ова митско животно. Орикс е национален симбол, а најголем број на овие прекрасни животни живеат во Ал Маха, која се наоѓа на еден час возење од Доха.
Храната во Катар е одлична, бидејќи во Доха работат најдобри готвачи на светот. Маслинки од Тунис, фета сирење од Грција, лосос од Шкотска, урми од Вавилон или свежи малини од Арли, можат да се купат во секој момент. Секој оброк е вистинско славје, а почнува со неизбежното арапско мезе, а добри вина можат да се пијат на секое место. Во оваа земја умеат да уживаат, жените во прекрасната гардероба, а мажите во екстремните спортови. Во секој случај Катар е земја со најмал број на дебели луѓе.
Омилени птици на Катарчани се соколите. Тие ги чуваат од задоволство, поради лов и како статусен симбол. Добрите соколи живеат по 30 години, а доаѓаат од Иран, Узбекистан и од Кикинда. Млад сокол чини од 2.000 до 10.000 евра, а докажано добар ловец од четврт до два милиони долари.
Најдобар доказ за почитта кон соколите е фактот дека тоа е единствено животно кој патник може да го внесе во прва класа во Катар ервејз и да добие специјален оброк. Соколите доста патуваат, посебно во летниот период, кога сопствениците ги носат во постудени краишта во Азербејџан, Пакистан.
Tweet |