Петар Печков
Објавено: петок, 06 јануари 2017
На Бадник се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Господ и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.
Парата ја зема тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добива подароци.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна.
И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај овој обреден оган. Во врска со палењето на дрвото Бадник и воопшто со коледарскиот оган во науката постојат главно две теории: соларната која се заснова врз принципот на имитативната магија, која тврди дека огнот има цел да го имитира големиот извор на енергија од небото и да обезбеди доволно светлина и топлина за луѓето, но и за стоката и за билките.
Примитивниот човек верувал дека на изнемоштеното сонце кое во овој период од годината најмалку е видливо на небото и неговото дејство е со најмал интензитет може да му се помогне со силни огнови од земјата. Според другата исцелителна или очистувачка теорија, пак огновите не се во врска со сонцето туку со верувањето дека со нив можат да се изгорат сите штетни влијанија, било тие да се од природен или од демонски карактер (болви, вошки, змии, но и болести, вештици, караконџули и сл.)
Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледе. И денес како и во минатото во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган, пеат пригодни песни и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Една од најпопуларните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде” ја среќаваме во запис на Г. Бојаџиев, објавена во „Книжици за прочит” во 1893 година.
текстот е преземен од МИА
Tweet |