Петар Печков
Објавено: среда, 03 јануари 2024
Вчеравечер, вторник, товарно возило со турски регистарски таблички излетало од автопат, после наплатна рампа Отовица. Камионот завршил во провалија а возачот минал без повреди. Велешките пожарникари го ваделе турскиот државјанин од превртеното возило.
„На 2 јануари околу 22.00 часот во СВР Велес било пријавено дека на Автопат А1 Велес – Скопје, после наплатна станица „Отовица“ на место викано „Пуста кула“, товарно возило „рено“ со приколка со турски национални ознаки, управувано од Р.С. (53 год) од Република Турција, излетало од патот“ - соопшти Биљана Ѓаковска, портпарол на СВ Велес.
На местото на настанот била повикана екипа на Итната помош но и пожарникари од ТППЕ Велес. Тие го извадиле возачот од превртениот камион и го предале на екипа на Итна помош.
„На ден 2 јануари во 22:25 примена е дојава од стана на Итна Медицинска Помош за превртен камион шлепер на автопатот Велес-Скопје после наплатната станица Отовица. ТППЕ Велес излезе на лице место со 1 пп возило и 5 пожарникари спасители. Со брзото пристигнување и брзата интервенција, заглавеното лице безбедно е извадено од кабината и предадено на ИМП“- соопштија од ТППЕ Велес.
„Повредениот се жалел на градна болка, имал покачен крвен притисок, дадена е неопходна терапија и транспортиран до хируршкото одделение од велешка болница“ - кажа д-р Василка Пановска, началник на службата за итна помош при ЈЗУ Здравствен дом.
„Примен е пациент во хируршка амбуланта, испитувањата покажале дека нема телесни повреди па е пренесен на интерно одделение. Дадена е потребната здравствена нега и утрово е пуштен дома“ - изјави Марина Андова портпарол на Општа болница Велес.
За случајот бил известен јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.
Tweet |