Петар Печков
Објавено: петок, 20 јули 2012
Кратовчанецот Борче Ивановски ( 53 год) загина во сообраќајна несреќа кога воз удри во камионот што тој го управувал. Според очевидците сообраќајката се случила околу 10,45 часот претпладнево, на железничкиот премин кај мостот кај селото Ногаевци. Камионот кој го управувал Ивановски носел камења за мостот кој пред некој ден започна да се реконструира. Тој не го забележал возот кој сообраќај од Гевгелија за Велес, ниту црвеното сигнално светло за стоп кое сигнализирало дека доаѓа товарна композиција. Иако машиновозачот свирел и предупредувал, почнал и силно да кочи, машината била брза така камионот удрил во возот.
Од ударот оштетена е локомотивата, има голема дупка на неа како и на првиот вагон. Од силината на ударот камионот бил однесен, и сомелен од тешката машина а за Ивановски немало спас, починал на лице место. На местото несреќата екипи на полицијата, судот и обвинителството вршат истрага. Поради оваа сообраќајна несреќа железничкиот сообраќај на пругата Скопје - Гевгелија беше во прекин четири часа, до 15 часот. Во април 2010-тата на истото место, откако не го видел црвеното сигнално светло, скопјанец со неговиот автомобил беше удрен од воз, но иако имаше тешки повреди преживеа.
Tweet |