Петар Печков
Објавено: среда, 27 февруари 2019
Само две илјади тони сончоглед биле откупени лани од македонските производители. Тоа е премалку споредбено со бројката од пред дваесетина и повеќе години кога имало производство и на 40 илјади тони сончоглед. Поради ова Министерството за земјоделие и велешка Маслодајна тргнаа во кампања за повеќе засеани површини со сончоглед.
Идејата да го зголемиме домашното производство на сончоглед ми е одамна, но за прв пат наидувам на разбирање и соработка од една Влада и Министерство за земјоделство. Ви гарантирам дека секое зрно сончоглед ќе го откупиме и ќе го платиме. Многу пати кога сум ги слушал земјоделците како се жалат за цената на пченицата и јачменот, сум се прашувал зошто не садат сончоглед кога ние можеме да го откупиме целиот род и да го платиме. Капацитетот на фабриката е за преработка на 40.000 тони сончоглед, а ние од домашно производство преработуваме само 2.000 тони. Значи, шансата да се зголемат површините и производството се огромни, со тоа што ќе треба да се употребува квалитетно семе и да се извршат сите агротехнички мерки за да може да се добијат повисоки приноси. На тој начин пазарната цена ќе им се исплати и на земјоделците, и нас како преработувачи - кажа Горанчо Лазов, директор на велешки АД „Благој Ѓорев“.
Со цел на што повеќе земјоделци лично да ја слушат оваа кампања, средби се одржани во Свети Николе и Новаци, поточно Овче Поле и Пелагонија, кои своевремено беа најголемите производители на сончоглед. Двaесетина години Македонија е увозно зависна земја, бидејќи најголем дел од потребите за производство на масло за јадење, е од увоз. Исто така и рафинираниот зејтин го има во големи количини од соседството.
Земјоделците беа едногласни дека досегашното мало производство на сончоглед се должи на скапото производство, ниските приноси и субвенции што ги прави неконкурентни на увозниот сончоглед.
Досегашното искуство во производството на сончоглед покажа дека се намалуваа површините поради скапите репроматеријали како нафта, ѓубрива, заштитни средства што ги тераше земјоделците да штедат во извршување на сите потребни агротехнички мерки. Тоа доведе до ниски приноси и неисплатливост на производството. Затоа, сметам дека е потребно да се зголемат субвенциите за сончогледот и да се употребува квалитетно семе со што ќе се зголеми приносот и квалитетот на сончогледот – изјави проф.д-р Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Оваа година бевме фокусирани на тутунот, лозарството каде завршивме доста работа. Во нареднито период се посветуваме на другите земјоделски култури, годинава на сончогледот - рече министерот за земјоделие Љупчо Николовски.
Tweet |