Петар Печков
Објавено: сабота, 10 јули 2021
Македонскиот репрезентативец Ангел Петрушев го освои 15-тото место на Светското првенство во младински категории во кајак К-1 слалом на диви води, кое се одржа во Словенија на патеката Тацен на Сава.
Претпладнево тој веслаше во полуфиналето јуниори и за 1,39 секунди му побегна 10-тото место, кое носеше пласман во финалето.
Петрушев со 17 години, оствари пласман во јуниорска конкуренција, кој одамна не е забележан во македонскиот кајак. Во оваа конкуренција во квалификациите во четвртокот веслаа 59 натпреварувачи. Победник е Французинот Кастрик.
„Беше напорно и тешко возење, со многу адреналин. Се подготував и вложив многу за овој настап. Очекував и финале, но и ова 15-то место е одличен резултат, со оглед на условите со кои се работи и тренира“ – кажа во телефонска изјава за ТрМр, Петрушев.
Следен предизвик за Петрушев, кој годинaва го освои ИКАС, е Европското првенство кое кон крајот на август ќе се одржи во Словенија, на патеката Солкан, на Соча. Дисциплината во која вози Петрушев е олимписка.
Tweet |