речник контакт

Квалитетна вода за пиење за езерото Младост

Започна реализацијата на проектот водонсабдување на околината на езерото Младост. Со кредит 42 милиони денари од Светска банка квалитетна вода ќе има за околината на езерото но и за приградските населби во тој реон

Петар Печков

 Започна реализацијата на проектот за водоснабдување на околината на езерото Младост со вода за пиење. Со него неколку илјади жители на приградските населби на Велес ќе добијат квалитетна вода за пиење, а ќе се создаде можност за развој на труизмот околу вештачката акумулација. Неодамна беше потпишан договорот за задолжување кај Светската банка, вреден  42 милиони денари и веќе е распишан тендерот за изведувач на градењето.

    

Повеќе илјади жители од околината на Велес ќе добијат вода за пиење, со ист квалитет како и во градот, што досега не беше случај.  Со ова  ќе се подобри водоснабдувањето на повеќе приградски населби  Речани, Башино село, селата Отовица, Сујаклари, Мамутчево и сателитската населба кај  езеро Младост – вели градоначалникот на Велес Горан Петров. 

 

Според оценките на локалната власт, водоснабдителниот систем ќе биде готов за неколку месеци, до крајот на септември ќе се заокружи проектот. Ова тие го темелат на оценката оти  водоводот имал мал  број  градежни работи, неговата должина е 8 км, изградба на две -три пумпни станици,  кои ќе се градат поради конфигурацијата на теренот, како и  хлоринатор и резервоари.

 

Пред еден месец е потпишан договорот со Министерството за финансии и општина Велес, со кое е одобрено задолжувањето. Постапка  која е во тек, ја контролира Светската банка, и таа ќе го каже последниот збор за тендерската документација. Новина е што  ќе се гради кружен, прстенест систем на водоводот, едниот крак преку  мостот кај Башино село а вториот преку Речани  и ќе се спојуваат пред клучката на автопатот за исклучување за Велес. Така ќе се отстрани можноста при евентуален дефект, делови од корисниците да бидат исклучени од водоводната мрежа. Најголем корист од системот ќе има околината на езерото Младост, каде што ќе може да се развива транзитниот туризам.

      

Неколку години плацовите кои се намети за  градење на автокамп, мотел, хотел покрај езерото не се атрактивни и не се продаваа, бидејќи никој не сакаше да купува простор кој нема вода за пиење, нема канализација, нема инфраструктура.  Иста е состојбата и за 35-те  куќи од сателитската населба кои сега ќе добијат водоводна мрежа а се остава и можност за нови 35 плаца за продажба.

 

 Со ова ќе се реши проблемот со квалитетна вода за двата постојни мотели, Прокредит Академијата на Југоисточна Европа, еден плац кој е продаден неколку години но не е започната градењето на мотелот бидејќи сопственикот бара вода – вели Петров.

 

Тој најавува дека во еден дел покрај езерото, каде ја нема, ќе се гради и канализациона мрежа, која ќе се спојува со постојниот колекторски систем. Според него перспективно тоа значи дека следната сезона ќе бидат спремни плажите за изнајмување и давање под концесија, ќе имаат вода и канализација,  а градежните парцели ќе бидат атрактивни за продажба. Бидејќи локалната власт не може да им обезбеди вода и канализација, камперите покрај езерото Младост бесплатно летуваат две години наназад.

 

Вкупната сума  за која општината се задолжи е 42 мил денари со грејс период од три години и отплата од осум години и со ЛИБОР камата. Преку надоместокот за  комуналии, за изградената водоводна  мрежа, кои ќе го плаќаат  сопствениците на парцелите, ќе се полни локалниот Буџет од што ќе имаат корист сите граѓани и општината а кредитот сам ќе се врати, смета градоначалникот Петров.

Вториот проект кој мина пред советниците на општина Велес, за енергетската ефикасност  е на листа на чекање. Замената на постојните со штедливи светилки вредна 23,6 мил денари е во фаза на анализа која од постојните технологии на пазарот е најекономична.  Ова е по барање на Светската банка.  Анализата треба да даде одговор дали е подобра замената на живините со натриумови светилки како што е сега, или истата да се реализира  со лет технологија, што е новина во светот.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »