Петар Печков
Објавено: недела, 01 септември 2013
Два дена од петокот попладне до саботата навечер километарски колони беа на наплатните рампи кај Градско и Отовица, на автопатот во правец кон Скопје. Во овој период се чекало по час и половина за да се стигне до наплатната рампа. Колоните биле долга со километри а таа кај Велес стигнувала и до Мотелот Македонија. Иако работеле сите патарини, гужвата била невообичаено голема за овој период од годината. Незадоволството кај велешани беше големо а некои поради ова задоцниле и на работа, во трета смена.
Заминавме околу девет навечер со колегите со автомобил за Скопје. Само што ја минавме клучката кај Штипско џаде и се приклучивме на автопат кога пред нас колона. И на двете ленти. Тоа имаше сигурно пет километри до патарината кај Езеро Младост. До неа стигневме околу 22.20 часот. Сто минути се движевме со брзина на полжав. На работа бевме во 23,30 часот. Како да му објасниме на нашиот шеф дека имаше огромна гужва и чекавме со часови – вели Горан Стојановски, кој вечерта заедно со стотина други вработени од Велес кои патуваат за Скопје ја имал истата мака, да стинат навреме.
Друг велешанец во саботата претпладне заминал за Скопје за да го земе синот кој допатувал од Белград со автобус. Но и тие се изначекале на автопат.
Кога синот беше на српско -македонска граница ни се јави и ние тргнавме за Скопје. На автопат не дочека огромна колона. Тој ги мина граничните прегледи и стигна до Скопје а ние уште не бевме мрднале од Велес. Не знам зошто беше таква гужва, бидејќи одамна беше минат шпицот на туристичката сезона. Како времето минуваше колоната се зголемуваше. Дошла до Мотел Македонија, од езеро Младост до мостот на реката Вардар – вели Зоран Николов.
Слична била и состојбата на патарината кај Градско, каде колоната била до 5 км. На жешкото сонце, тие трпеливо чекале во ред, иако нервозата била присутна кај сите возачи. Во овој метеж имало и многу странци кои се враќале од Грција. Тие биле најмногу збунети. На нивните навигации барале алтернативен пат за да стигнат до Скопје, но немало. Уште поголемо било чудењето кога дознаел дека на оваа релација иако е автопат, нема друг втор пат кој ги поврзува Велес и Скопје.
Според вработените на наплатните рампи гужвата се создала оти голем број на туристи се враќал дома, некој од одмор други од посета на домашните. Во најголем број тоа биле Турци кои се враќале на работа во Германија, како и други туристи од Србија, Унгарија кои брзале за дома пред почетокот на учебната година. Поголем дел до странците плаќале и со кредитни картички, што го создал метежот. Ваква гужва имало и за Илинден, кога исто се чекало со часови, но тогаш во правец од Куманово кон Гевгелија.
Tweet |