Петар Печков
Објавено: вторник, 07 јануари 2014
Чекал до летото на ’23-та година. Управата на Офицерскиот дом му овозможила на Ѕико - индустријалецот (Трајко Ѕиков) да организира летно кино во бавчата на Домот. Повторно заживеале подвижните слики во „Ада кафези“. Сега, проекции се одржувале три-четири пати во неделата. Зад кинопроекторот бил Кртев. А бидејќи филмовите биле неми, Ѕиков набавил пијанино и повикал една руска пијанистка која свирела за време на проекциите. „Ѕиката потекнуваше од богато семејство. Имаа ниви, моторна мелница за брашно, фабрика за зејтин...
Сето тоа го започна Петре Ѕиков, таткото на Трајко. А Трајко беше агилен, способен. Работите ги водеше беспрекорно. Во Велес важеше за двигател на стопанскиот просперитет на градот. Ама тој остави и траен белег во културниот живот на Велес. Мислиш дека Ѕиката се задоволи со проекциите во Офицерскиот дом? Ма, не! Тој реши да изгради вистинско кино!“
И додека течат проекциите во Офицерскиот дом, значи летото на ’23-тата, Ѕиката започнува со изградбата.
Отспротива, значи на левиот брег на Вардар, во близината на „Ада кафези“ (Офицерскиот дом), зад зградата на Уќуматот, до дворот иа општинскиот затвор, на имотот на Ѕикови (крај нивната шарлаганџилница) забрзано се гради летната кинобавча и зградата на киното. Бидејќи кинобавчата била изградена многу бргу, проекциите започнуваат летото од истата таа ’23-та година. Со ова била ставена точка на филмските проекции во Офицерскиот дом, односно „Ада кафези“. „Киното на Ѕиката го доби називот ’Вардар‘. Во кинобавчата беше изградена една импровизирана кинокабина. Тука го сместивме проекторот од типот ’Ика‘. Јас самостојно ги вршев проекциите, расправа Кртев.
Филмовите беа неми и Ѕиката ангажираше разни музички групи кои свиреа во кинобавчата. Некаде кон крајот на ’23-та заврши и изградбата на затворената киносала. Е, таа ги задоволуваше сите стандарди за едно нормално кино. Имаше партер, ложи и посебна кинокабина. Тука поставивме проектор ’Ернеман‘. Ѕиката овие проектори (и ’Ика‘-та и ’Ернеман‘-от) ги набави од Белград. На плафонот во салата поставија огромен вентилатор. Е, за неговото функционирање се грижеше цела една сурија деца кои Ѕиката ги пушташе бесплатно да ги гледаат филмовите. И да не заборавам - во киното се влегуваше низ еден импресивен влез, а пред салата имаше голем хол. Убавина, нема што! Јас летав од радост.“ Ѕиката набавил и пијанино кое било сместено на едниот крај од екранот.
Свирел Стефан Гајдов: „Ѕиката ми предложи да свирам во неговото кино. Договорот беше ваков - бидејќи дома немав клавир, Ѕиката ми овозможи да вежбам во киното, а за возврат да свирам четири пати во неделата кога имаше филмски проекции. Така и бидна.“ „А јас уживав да го слушам Гајдов додека вежбаше, дополнува Кртев. Јас во кабината ги премотував или ги лепев филмовите, де, ги подготвував за проекција, а Гајдов вежбаше. Уживав да работам додека тој вежбаше. Беше мајстор, уште тогаш се виде дека ќе биде голем човек. А сега за филмовите да ти кажам. Ги земавме најчесто од Скопје, од сопствениците на киното ’Вардар‘. Но и во Велес, одвреме - навреме наминуваа застапници на разни дистрибутери (Парамаунт, Пан филм, Универзал), па и од нив земавме.
Гледавме филмовите да бидат разновидни. Вистинска сензација предизвикаа проекциите на ’Рапсодија‘ со Вили Фрич, ’Малиот трубач‘ со Џеки Куган, ’Црниот орел‘ со Рудолф Валентино, ’Дивите орхидеи‘ со Грета Гарбо, ’Еротикон‘ со Ита Рина, ’Отело‘ со Емил Јанингс, ’Брачен триаголник‘ со Глорија Свансон и Рудолф Валентино... Како го рекламиравме репертоарот? Испишувавме рачно плакати и лепевме низ градот. Ама кога ќе дојдеа големи филмски хитови (ете, се сеќавам за ’Десетте божји заповеди‘), тогаш организиравме жива реклама.
Што е тоа? Артистичко-музички поворки кои низ градот во живо рекламираа одреден хит-филм. Вистински циркус! И ете ти река народ во киното. Ама, многу често се случуваше копиите што ги добивавме да бидат многу лоши. Ми вели еден пријател: ’Слушај Лазо, неодамна бев во Белград и го гледав филмот што сега ти го прикажуваш. Ама ова овде нема никаква смисла, толку е осакатен што нема врска со она што го гледав во Белград.
‘ Што да се прави?! Некои реагираа, повеќето не. Луѓето сакаа да гледаат филмови, па за пропустите гледаа низ прсти.“ Лазар Кртев значи започнал да работи во киното на Ѕиката „Вардар“ од самиот почеток. Работел за плата, ама немал решение. Решението го добил во 1925 година. Лазар бил киноапаратер - самоук, но многу трудољубив и дисциплиниран. И над сè, го сакал филмот. Во 1932 година заминал за Белград и таму го положил испитот за мајстор-киноапаратер. Истовремено положил испит и за професионален шофер.
„Ова се покажа многу добро. Ајде, од киното живеев и мораше да се положи тој испит. Но се покажа добро и она со испитот за шофер. По ослободувањето, значи по Втората светска војна, по национализацијата на кината, јас почнав да работам во Задружниот сојуз како шофер и со подвижен 16мм кино-проектор вршев проекции по селата. Гледаш, двете дипломи во едно! И да ја продолжам сега приказната за киното на Ѕиката. Во 1928 година Ѕиката зеде компањон во работата со киното. Трајко Наков. И од таа година до ’32-та киното имаше двајца сопственици. Ама Трајко Ѕиков, не знам зошто, во ’32-та година реши да го напушти Велес. Замина со семејството за Србија.
Го распродаде имотот. Само киното остана. Во тоа време се појави и второто велешко кино. Во хотелот ’Белград‘ на Милан Горев Војницалија. Тоа кино под наем го зеде Трајко Наков, а кај нас, во ’Вардар‘ дојде Јаков Мандил од Скопје. Ама и тој брзо си замина. Работата одеше сè полошо. Конкуренцијата си го направи своето. Се намали посетеноста. Секој сака нешто поново... Ама јас си работев. Одржував проекции, но сè почесто во салата се одржуваа театарски претстави и музички концерти. Се сеќавам на концертот на Милое Милоевиќ. Салата преполна, нема игла каде да фрлиш.“
Во професионалниот живот на Кртев ќе се вмеша и второто велешко кино. Она во хотелот на Војницалијата. Инаку Милан Ѓорев го изградил хотелот во 1908 година, а во 1929 година направил проширување за потреби на едно постојано кино. Инаку хотелот „Белград“ се наоѓал на главната велешка улица. Но со задниот дел, оној што гледал кон исток, бил паралелен со железничката пруга и со Вардар. Значи, не бил „отаде“. „Хотелот на Војницалијата беше срце на велешката боемштина. Тука имаше поетски читања, концерти, а гостуваа и театарски дружини. Тука се среќаваа Коста Рацин, Коле Неделковски, Венко Марковски, Живко Фирфов, Стефан Гајдов, Борис Бегинов, Георги Шоптрајанов... А и самиот Војницалија беше поет. И така тој во својот хотел направи кино. Располагаше со 200 седишта.
Први што го изнајмија киното беа Трајко Наков и Томе Ќерамитчиев. Набавија нови проектори - тонски од типот ’Цајс икон‘. На помош им дојде Наќе Тахов, ги монтираше проекторите и кратко време вршеше проекции. Ама си замина. И така јас се нафатив и со ова кино. Ги терав проекциите и тука и во она ’отспротива‘, во ’Вардар‘. Ама работата со едно кино не е едноставна. Луѓето мислат - нема проблем, ќе заработиме добра пара.
Треба и со киното да знаеш - не е ’купи-продај‘! Па сакам да ти кажам дека до почетокот на војната (Втората светска војна) се променија едно чудо закупувачи на киното во хотелот - Исак Ково, Славко Гајдов, Никола Палеолог... Едно кратко време, пред самиот почеток на војната, киното го закупивме Горѓи Ацев и јас. Но Горѓи набргу се откажа и останав сам. Добро!“
На 5 јули 1940 година киното во хотелот „Белград“ го добива својот последен сопственик/закупец кој ќе ја дочека и повоената национализација. Тоа е легендата - Лазар Кртев.
„Сега сета преокупација ми беше ова кино. Го суредував, проекторите ги држев во беспрекорна состојба. Сè сјаеше! Земав филмови од Софија. Германски, италијански, унгарски... какво време, такви филмови. А имаше и публика. Слушај го ова: прикажував еден италијански филм. Љубовна драма. Еден велешанец го гледам на една проекција, па на втората, го гледам како и по трет пат гледа еден ист филм. ’Толку ли ти се допадна филмот?‘, го прашувам. ’Па не ми се допадна толку филмот, ама сè чекам возот да задоцни‘, ми одговара. А што е работата? Има една ваква сцена во филмот - една убава жена на прозорец започнува да се соблекува. Те палтото, па блузата и еве, сега треба да ги соблече последните парчиња од облеката и... да остане гола. Ама во тој момент, во кадарот влегува воз и го покрива прозорецот со соблазнителната глетка. Ете што чекал мојот велешанец. Да задоцни возот! Имаше сè и сешто во тој мој кинаџиски век. Кој на сè ќе се сеќава? Важно кината ги одржавме. Па дојде ослободувањето, па национализацијата, ама јас си останав во киното. И како киноапаратер, и како раководител. Сакав да ги гледам луѓето како се туркаат пред киноблагајната, сакав да ги гледам нивните лица кога гледаат филм, сакав да го слушнам нивното мислење по проекциите. Како да имав двоен живот - едниот во семејството, другиот во киното. Пензија си дочекав во нашето кинопретпријатие. Еве и сега си одам во кино. Младите ме почитуваат, сетики по нешто ме прашуваат, па кога дојдоа проектори со ламби (не со ќумурчиња/електроди) ’ајде чичко Лазо помогни ни, ова-она да се наштелува...‘ Деца, ама добри! Важно е, киното во Велес добро врви. Има публика.“
Ова беше во 1978-та година.
Денес во Велес нема кино. Го затворија кон крајот на 2004-та.
Пролетта на 1979-та година се јавува Лазар Кртев: „Дојдени сме со жената ми на гости кај ќерката, да, тука, во Скопје. - Ќе дојдам до Кинотеката, имам еден мал подарок за вас.“ Го дочекувам пред влезот на МРТВ. Жизнерадосно се движи, иако се жали на болки во нозете. „Бев и до кај Кузман (Кузмановски, легендата на скопските кина, м.з.), убаво си поприкажавме, како лав се бори за кината.
Ах... еве ова е за Кинотеката.“ Нешто големо, завиткано во хартија. Најдл/тонски-плочи за немите филмови! На големата кинотечна изложба по повод 100-годишнината од појавата на филмот (во 1995-та), во една од витрините посветени на старите кина, поместени се и кино-експонати на кои пишува:
Од оставнината на Лазар Кртев од Велес.
Подвижните/патувачките кина
Подвижните/патувачките кина најчесто се поврзуваат со пионерските денови на кинематографијата. Во недостиг на постојани киносали, градовите и помалите места ги крстосувале подвижни кина. Во циркуски шатри, во кафеани, на отворен простор, тие ја прикажувале новата атракција - подвижните слики. Такви кина се појавиле веднаш по 1895-тата година велешанецот Арсо Петров Картов, во истиот тој период, со својот мал проектор се движел на релација Велес-Овче поле-Бугарија 1907 до 1909 година.
Автор на текстот е Илинка Петрушевска
Tweet |