Петар Печков
Објавено: вторник, 10 ноември 2015
На свечена седница, вчеравечер во салата на театарот, беа врачени општинските награди 9-ти Ноември. Највисоката за животно дело, ја доби Костадин Кирков, концерт мајстор на Љубљанската и Бонската филхармонија. Тој специјално за оваа пригода допатува од Бон - Германија каде живее. Паричниот дел од илјада евра, Кирков го отстапи на Основното музичкото училиште каде го започнал музичкото образование.
Како велешанец, како директен потомок на еден од Гемиџиите, наградата многу ми значи и ми е драга што некој од родниот Велес се сетил на мене. Паричниот дел го отстапив на музичкото, со цел да го искористат за работи кои им се потребни, а секогаш нешто треба - рече Костадин Кирков. Тој е роден во Велес 1942-тата и Гемиџијата Костадин Кирков е брат на неговиот татко, и по кого Костадин го добил името.
На свеченоста беа врачени и останатите награди. Спомен плакети 9-ти Ноември за Специјалната Болница за белодробни заболувања и туберколоза Јасеново, Општинскиот Училиштен дом Лазар Лазаревски, аптеките Зегин и министерот за странски инвестиции Веле Самак.
Благодарници добија хуманитарката Ленче Здравкин, Виктор Глигоровски, Стојанче Алексовски, Мето Димов, Ѓоко Ризински,( лицата кои го фатија разбојникот на менувачница) Зоран Балов (за збратимувањето на Велес и Новогард Полска), планинарот Марјан Малинов и актерката Весна Димитровска Бобевски.
Постхумно со спомен плакета се оддаде признание на д-р Ристо Пејовски, д-р Румен Наќинов, Иле Алексиќ сопственик на компанијата Данс експрес.
За нај студент и наградата Ѓорги Шоптрајанов ја доби Даниела Иванова трета година на Технолошко-металуршкиот факултет Скопје, насока инжинерство на материјали и нано технологија, со просек 10
На свечената седница обраќање имаше и градоначалникот Славчо Чадиев.
Секоја генерација во своето време со светлиот лик на Александар Македонски, на Самуил, Гоце Делчев... пред себе се бори за својата Македонија, за својот Велес Денес се поклонуваме пред сите нив и пред оние од 1944 и 2001-та со изрази на благодарност и неизмерна почит. Ако историјата е предуслов да останеме онаму каде што сме цврсто на своите корени, ние сме нејзиниот чувар и чувар на идентитетот, нацијата, јазикот, името, традицијата, а иднината е предизвикот што не води напред. Затоа е многу важно што ќе направиме сега - порача Чадиев.
Тој наброи што оваа година е сработено во општината, кои проекти се реализирани, како и тоа дека до вчера во рамките на манифестацијата Велес град на културата имало 142 настани.
Tweet |