речник контакт

Киро Ќучук не работи, работниците дома

Вработените кои се без плата со години, се пуштени дома, да не доаѓаат на работа, објаснување нема

Петар Печков

      Сто и педесет вработени од Керамичката индустрија Киро Ќучук од Велес десетина дена седат дома и не одат на работа а не знаат ниту кога повторно ќе тргнат. За тоа време ниту  купувачите, кои  иако ги платиле циглите, не можат да ја подигнат нивната стока. За иднината на друштвото и вработените има многу дилеми и прашања, кои никој не сака од надлежните да ги одговори.

  

 На почетокот од месецот  ни рекоа дека ќе започне ремонт на фабриката, бидејќи мазутот што ни го доставиле бил неквалитетен и ги оштетил машините. Поради тоа не испратија дома, но не ни кажаа ни кога ќе треба да се вратиме ни што со нас. Има многу дилеми за  нашата иднина но иако бараме одговор, не го добиваме – велат вработените во АД Киро Ќучук.  На работа оди само обезбедувањето, кое ги враќа сите од капијата. Тука секојдневно идат десетина камиони кои чекаат да ја подигнат платената стока, но не можат да ја добијат.

   

  Дојдов два пати и ме вратија со објаснување да дојдам в петок, а кога дојдов тогаш ми препратија за следниот. Не гледам дека внатре се работи, се е празно, нема луѓе па не знам како  и кога ќе ги добијам циглите – вели купувач од Куманово кој со неговиот камион безуспешно се обидува да ја подигне робата вредна неколку илјади евра.  И додека работниците бараат договор, синдикатот во друштвото молчи.

 

Синдикалистот Митко Николов како и директорот Киро Камчев не се јавуваат на мобилните а телефоните во фабриката одамна се исклучени поради неплатени сметки.  Друштвото неколку години се судрува со финансиски проблеми, кои само се натрупуваат.

 

ЕВН пред половина година им ја исклучи струјата а во два наврати Фондот на ПИОМ поради милионски долгови побара отворање на стечај, но пред самиот почеток на судското рочиште по барање на дирекцијата од Скопје, тоа беше повлечено, но парите за придонеси кон вработените никогаш не се платени.

 

Слично е и со придонесите кон Фондот за здравство, па работниците на Киро Ќучук се лечат на приватно. Тие немаат земено плата две години а добиваат пари на рака или натура. Друштвото има долгови и кон УЈП за неплатени давачки кон државата.  Агонијата на Киро Ќучук започна пред пет години причина за тоа е што фирмата давала на вересија, објасни раководството.

     

  Дававме многу стока на доверба кон некои наши пријатели. Дававме во големи количества, но тие не беа платени. Тоа се случуваше во подолг временски период, така фирмата заглави. Се обидовме судски да ги наплатиме побарувањата но тешко оди – изјави Киро Камчев на  судско рочиште кое се води против него.

 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »