речник контакт

Клисаро кај Водоча - природен споменик на ослепените Самуилови војници

Денес на овој простор нема ништо што би потсетувало на тој настан, значаен во историјата.Полјаната се користи како стрелиште

Петар Печков

По илјада години од ослепувањето на Самуиловите војници, кај селото Водоча, Струмичко, полјаната на која се извршил тој грозоморен чин е нем сведок за ужасите и страдањата на заробените војници на кои тука им биле вадени очите со железен жезол. Местото што жителите на селото Водоча го нарекуваат Клисаро е на самиот крај од селото, блиску до Струмица, од левата страна на манастирскиот комплекс „Св. Леонтиј“. Денес на овој простор нема ништо што би потсетувало на тој настан, значаен во историјата, кој всушност ги означува крајот на владеењето на царот Самуил и распаѓањето на средновековната македонска држава.

Пред десет века војската на царот Самуил била утврдена во клисурата Клуч, која денес се наоѓа во Р. Бугарија, каде што се соединуваат планините Огражден и Беласица. До 1014 година византискиот император Василиј Втори секоја година навлегувал во Самуиловото Царство и напаѓал. Царот Самуил, кој бил притиснат од сите страни, решил да го спречи влегувањето со прецизно изградени ровови. Знаејќи дека византискиот владетел влегува низ клисурите Кимбланогу и Клидион, тој ги оградил и ги затворил со кули. Византискиот император Василиј Втори го пробил обрачот со лукавост. Војсководецот Теофилакт Ботанијат од зад грб ги нападнал утврдените Самуилови војници, при што голем број изгинале, но и биле заробени. Во текот на битката, која се одиграла на 29 јули 1014 година, царот Самуил едвај спасил жива глава качувајќи се на коњот на својот син Гаврило Радомир, кој храбро ги одбил византиските напаѓачи и го однел царот во Прилеп.

Според пишаните историски документи, заробените Самуилови војници по битката преку денешните населени места Колешино и Мокриево биле донесени до полјаната близу Водоча, оковани во пранги, за да бидат ослепени и казнети.

Ослепувањето на заробените војници толку го погодило царот Самуил, што тој добил срцев удар и по неколку дена починал.

Полјаната се користи како стрелиште

Интересно за оваа широка полјана е што е богата со вода, низ неа сега истекува рекичката Водочница, од браната Водоча, па дури на некои места прави мали вирови. Она што останало исто како и пред илјада години е конфигурацијата на теренот. Местото од сите страни е затворено со ридови, одделено од селото, а манастирот „Св. Леонтиј“ се наоѓа на влезот до ова место. Жителите на селото Водоча раскажуваат дека полјаната има посебна акустика. Местото е такво што звуците и пискотници од неа не се слушаат надалеку оти местото е затскриено, одделено од селото. Можеби тоа е причина што денес полјаната се користи како стрелиште за тренинг на полицајците и на ловџиите. Инаку, порано ливадата била рамна, но повеќепати била прекопувана.

Диви копачи на злато

Денес на ова место нема споменик, нема ниту мермерна плоча што би потсетувала на тој историски настан. Преданијата и легендите за него единствено се живи меѓу жителите на Водоча.

- Тука војниците на царот Самуил стоеле еден до друг, збиени. Заробени биле околу 14-15 илјади војници. Сите биле оковани и им биле вадени очите, а на секој стоти војник му оставиле по едно око, за да ги води до царот, во престолнината Охрид. Многу маки имало тука - раскажува овчарот Живко Јованов од истото село, кој секој ден ја пасе стоката на полјаната.

Тој додава дека во карпата под ридот имало забиено железо, кое стоело стотици години, но крадците го искорнале за да го препродадат. Полјаната често била цел и на диви копачи на злато.

Според него, одамна селото се викало Белица, но подоцна го добило името Водоча, од „вади очи“.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »