речник контакт

Клуб на излекувани алкохоличари во Велес

По 15-годишна дружба со алкохолот, Златко Каров му кажал збогум на порокот и три и пол години животот со сопругата и ќерките му е поведар

Петар Печков

По 15-годишна дружба со алкохолот, Златко Каров му кажал збогум на порокот и три и пол години животот со сопругата и ќерките му е поведар
Пороците лесно не\' освојуваат, а тешка е борбата да се ослободиш од нив. Тоа го почувствувал и 47-годишниот Златко Каров од Велес, кој одлучил да му каже „не“ на алкохолот токму кога му било најтешко, на денот кога останал без работа, во фирмата во која го вадел лебот за себе и за семејството.

- Кога останав без работа решив да го оставам и алкохолот. За жал, некои мои колеги токму тогаш почнаа да бараат утеха во чашката, која мене ми го направи животот пеколен - вели Каров.

Тој пред три и пол години и\' рекол збогум на чашката. Сега се обидува неговото искуство во лечењето од алкохолизмот да го пренесе на други алкохоличари. Жртва на алкохолот, покрај него, 15 години било и неговото семејство. Сопругата и децата му биле мотив да се откаже од алкохолот и помош во тешките искушенија на лекување од порокот. Каров цврсто решил да се излечи откако сфатил дека со децата растат и проблемите што тој им ги прави дома. Кај нив почнале да доаѓаат другарки на двете ќерки, кои често го затекнувале пијан.

- Беше срамота за нив, уште поголема за мене. Решив да престанам да пијам. Минав низ големи искушенија, но успеав - објаснува апстинентот. Заслугата за тоа има сопругата Анчица, која слушнала дека во Велес има клуб за излекувани алкохоличари. Отишле таму двајцата, а едукацијата траела со години. Во прво време за да го одвлече вниманието и мислите од алкохолот, една година одгледувале зајаци, се дружеле со други лица, со кои разменувале мислења, разговарале за штетните последици, се едуцирале. Низ овој дел од апситенцијата минувал заедно со сопругата, без која вели, нема да можел да успее. Таа со оптимизам за успех му дала безрезервна поддршка.

- Сакав мир во семејството, немаше што да изгубиме. Затоа го посетувавме клубот три години. Успеавме во нашите настојувања, ги спасивме бракот и семејството - вели Анчица.

Двајцата се стечајни работници, тој од топилницата, таа од „Порцеланка“, но велат, сега имаат мирен и спокоен живот.

Каров вели дека паѓа во искушение за повторно фаќање на чашката, но успешно го избегнува. Пријателите го канеле на муабет во кафеана и се чуделе кога ќе прифати, но не пие. Вели муабет мпже да се прави и со јадење, не мора само со пиење.

Неодамна кога правеле веселба за мажачката на постарата ќерка, кога дошле сватовите, пред него имало две чашки - едната со ракија со која наздравил и една со сок, од која пиел. Благодарен е за лекувањето и му должи на клубот, во кој има тројца терапевти, двајца социјални работници и еден психолог.

Таму членуваат 12 лица, поранешни алкохоличари. Новина во Клубот е тоа што почнале да одат дома кај поединци што не сакаат јавно да се експонираат. Каров за сите нив има една порака - проблемите не се решаваат со алкохол, туку од него се создаваат нови!

- Потребна е цврста волја и карактер за да се излезе од овој пеколен круг - порачува апстинентот Каров.

Со него и другите апстиненти во Клубот работи терапевтот Родна Јанчева. Таа неуморно, дел од своето време им посветува на оваа категорија маргинализирани лица.

- Медицински лек за лекување на алкохоличарите нема. Периодот на апстиненција е многу тежок и затоа е потребна голема психо-социолошка поддршка од најблиските. Пред се\', треба да се средат односите во семејството и за поединецот да се најде место во општеството - објаснува Јанчева.

Таа вели дека во овој период од работата на клубот имаат повеќе примери на излекувани алкохоличари. Но, за нив е актуелен проблем што немаат соодветна просторија каде што ќе се дружат, ќе разговараат и ќе се напијат чаша вода или сок.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »