Петар Печков
Објавено: среда, 07 април 2010
Велосипедистот Андреј Ристовски беше побрз од воз на Македонски железници, но не затоа што сакаше да го победи, туку затоа што откако не успеал да влезе во возот, морал до Богомила да вози до Велес во надеж дека таму ќе најде празно место и се врати дома во Скопје.
Тргнал истовремено со возот од Богомила и за 80 минути стигна до Велес, имаше време да здивне да го почека, но повторно немаше среќа да се качи. Композицијата која доаѓаше од Битола беше преполна, па стотината патниците од Железничката станица од Велес, меѓу нив и Андреј, останаа да го чекаат следниот воз. Ова се случуваше во понеделникот попладне, кога бројни викендаши со возовите на МЖ се враќаа дома во Скопје.
Ми продадоа карта во Богомила а кога стигна возот со цел час задоцнување место немаше. Беше страшно што стари луѓе, семејства со деца останаа на железничката станица бидејќи не постоеше физичка можност тие да се качат во возот. Тој беше преполн со патници, вратата не се отвораше. Па решив да возам до Велес, педесетина километри, со надеж дека тука ќе се симнат некои и јас ќе се качам, но и овде состојбата е иста. Ќе го чекам следниот воз за да си дојдат дома – вели Ристовски.
Патниците кои како сардини се тискаа во тесните задушливи ходници и преполните купиња беа гневни, лути, нервозни. Меѓу патниците една старица се качила во Гостиражни а се симна во Велес, која имала среќа да ја примат во кабината на моторовозачот.
Ова е срамота на Велгиден да се пуштат четири коли на релацијата Битола – Скопје а возот уште во Битола бил преполн. Имав среќа што кондуктерот ме пушти кај машинистот и така дојдов до дома. Знаете ли колку луѓе останаа по станиците, во пустелија, бидејќи не ги качија. Тие сега ќе го чекаат пет саати со вечерниот воз ,за да се качат – вели старицата на која не и пречело да седи кај машинистот само за да стигне дома.
Според патниците само во Богомила останале 70-тина лица, исто толку во Чашка, стотина во Велес, плус десетици по малите станици и постојки на релацијата од Прилеп до Велес. Ова велат не бил прв случај патниците да останат по станиците, бидејќи железницата знаела на утне на празник со бројот на патнички коли. Посочуваат дека за жителите од Азот, таа е единствениот избор, нема автобуски линии за да сигнат до било кој дел до земјава. Во Прилеп поради незадоволството од патниците кои не можеле да се качат на возот, морала и полицијата да ги смирува луѓето.
За нив беше несфатливо каква била оценката на ЈП Македонски Железници – Транспорт што на така голем празник, кога голем број луѓе заминаа до Скопје кон внатрешноста, при што тогаш имало по осум патнички коли, сега истиот број луѓе да се врати со четири. Среќна околност е што вечерниот воз од Битола бил со шест коли, иако со задоцнување од еден час, сепак патниците од регионот на Азот стигнале дома во Скопје, пред полноќ. Дел од нив, кои останаа во Железничката во Велес, спас за да заминат во Скопје побараа на Автобуската.
Но и таму слична слика, малкуте автобуси кои влегувале во Велес примале само по 2-3 патника, колку што имало слободни места. Доцнењето на возот од Битола со 80 минути предизвика верижна реакција и други возови да не тргнат на време. Таков беше случајот со возот за Кочани, кој иако стигна навреме на Железничката во Велес во 16,40, тука чекаше се додека не дојде тој до Битола. Ова ги разлути бројните патници кои 50 минути стоеја во место.
Катастрофа, ова е благ збор. Ни рекоа дека мораме да го чекаме возот од Битола бидејќи имало голем број на наши колеги студенти од Битола и Прилеп кои тука се префрлаат за да заминеме во Штип на факултет. За илустрација на тие што сакаат да ја доловат атмосферата од денешниот настан, нека си ја замислат железницата во Индија. Нас ни фалеше уште патниците да почнат да ги качуваат на покривот. Ете толку простор има во возовите за патниците на Велигден. Длабоко сме разочарани бидејќи не не третираат како луѓе, туку како стока – вели студентка од Скопје која учи во Штип. Од ЈП МЖ-Транспорт доаѓаат смирувачки тонови, дека сите патници се превезени.
Патниците што не биле превезени со пладневниот воз, биле прифатени со вечерниот. Никој не останал на станица. Толкави ни се можностите, што да правиме. Шест патнички вагони во велешка Колска веќе два месеци се на поправка и ги чекаме за да се пополни бројката на коли – велат од раководството на ЈП МЖ – Транспорт. Од Колска пак одговараат за да се изврши поправка треба железницата да префрли пари за неопходните делови.
Tweet |