Петар Печков
Објавено: петок, 31 август 2018
Со дебата во Велес, за животната средина и земјоделието, канцеларија на ЕУ од Скопје ја започна кампањата ЕУ за тебе. Евро амбасадорот Самуел Жбогар илустративно објасни зошто е добро да се биде дел од Европската Унија.
Кога сте обединети сте посилни, кога светот се наоѓа во немирни води, кога има бура на море, во такви времиња е подобро да се биде на крузер отколку на чамец. Или подобро сте заштитени, посилни сте кога сте дел од поголемо семејство. Зошто сме тука. Има две причини - да зборуваме со граѓаните за Европската унија втора е сакаме како ЕУ да ги слушнеме граѓаните за состојбите во општините. ЕУ се заснова на вредностите -демократија, владеење на правото, човекови права, солидарност - кажа Жбогар.
Така ЕУ започна серија на дијалози со граѓаните на Република Македонија , која стартуваше од Велес.
Жбогар рече дека членството на една земја во ЕУ за нејзините граѓани значи полесна мобилност, да се минуваат граници, да се движат, да бараат работа, да студираат. Заеднички земјите можат полесно да се справат со заканите од тероризам, со организираниот криминал, со трговијата со луѓе. Со бројки аргументираше дека со членството во ЕУ се зголемуваат инвестициите, се отвораат нови работни места, економијата расте. Но има и несогласувања.
Како и во секое семејство, вообичаено е од време навреме, нејзините членови да се искараат. Можно е за некое прашање да имаат различно гледиште, но правиме се да дојдеме до заедничко решение, што не прави посилни - додаде Жбогар.
Велешани учесниците на дебатата, како проблеми од екологијата ги посочија - депонијата со згура резултат на работата на Топилницата, работаа на Варницата и загадениот воздух и реката Тополка, загадената почва со тешки метали, депонија за градскиот смет, атмосферска канализација оти после секој пороен дожд Велес е како Венеција со поплавени улици. Златко Арсов професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје посочи на два крупни проблеми во земјоделието.
Во Македонија има голем број сончеви денови, има топлина. Меѓутоа проблем е наводнувањето, кој се јавува во летниот период, кога голем дел од културите созреваат. Во некои делови на Македонија има хидро системи, за жал во велешко нема. ХС Лисиче повеќе ни служи за водоснабдување отколку за наводнување, немаме каналска мрежа. За илустрација ако родот на лозјето во Тиквеш, каде се наводнува е 15 тони од хектар во велешко е двојно понизок 7-8 тони. Потоа проблемот е во расцепканоста на обработливите површини, слично е и со шумите. Земјоделецот има една парцела овде, другата му е некаде подалеку, трета уште подалеку - рече проф. Арсов.
Тој зборуваше и за стариот дотраен возен парк на трактори, кој броел околу 20 илјади. Жбогар на ова остана збунет.
Мислев дека со 585 ново набавени трактори преку ЕУ фондовите осетно е подобрена состојбата, но споредено со 20 илјади трактори, тоа е мала бројка - рече Жбогар. Кажа дека во Велес ЕУ набавила мерна станица за мерење на квалитет на воздухот но досега не добиле барање за финансиска помош околу фиторемедијацијата - чистење на почвата и отстранување на депонијата со згура.
Tweet |