речник контакт

Кога се работи со труд и љубов нештата ќе дојдат

Катерина Чукниева моден дизајнер од Велес, од идеја до креација

Петар Печков

         Катерина Чукниева е моден дизајнер, девојка која високото  стручно образование го доби во Италија, во Милано. Таа има свое модно  студио ,,Тресор,,  а повеќе од две  година е присутна во театарскиот живот, откако се јавува како костимограф во повеќе претстави на Велешкиот театар, но и на други театарски куќи од Македонија.  Актуелна е деновиве откако ги подготви  костимите за детската претстава ,,Мачорот во чизми,, во велешки театар. 

          Имате ли точен број на престави каде ги ,,облековте,, актерите во Ваши креации?

Прва претстава  во која работев костимографија беше во Драмски во Скопје ,,Животот во тесни чевли,, во режија на Ненад Витанов. Потоа следеше  ,,Волшебната шума,, на Дејан Дамјановски,  ,,Медеја,, на Ненад Витанов  од ФАД Стоби,  ,,Парламентарки,, повторно со Ненад Витанов во Охридски театар, ,,Бесната, тесната и лесната ,, од Дејан Дамјановски  во  продукција на ФАД Стоби и неодамна   ,, Добра надеж,, на Александар Ивановски.  Во овие седум престави актерите се   облечени по моја идеја.  

        Како се најде во овие театарски води, како дојде до соработка со театрите? 

Првата соработка беше со Драмски театар, по велешка линија, тогаш уметнички директор беше Зоран Љутков. Добив понуда, ја прифатив со полно срце, ми беше предизвик. Продолжив соработка и со други режисери, театри. Случајно излезе дека тоа е поклопи со режисери од Велес, па продолжи со велешки театар, каде сум хонорарно ангажирана.  Соработката е двојна и од моја страна и од театарската, на кого мојата работа им се допаѓа и ме бараат.  

            Дали тоа што го научи, усоврши во Милано, каде заврши, можеш да го покажеш на дело, во Велес?

Како приватно модно студио ,,Тресор,, работам неколку години. Има клиенти кои сакаат да бидат уникатни, интересни со моите  креации. Даваат широк простор   да работам, каде можам да ја  покажам својата креативност но и да се покаже нивната личност, индивидуалност.  Во Велес тешко се прифаќаат новини, но има исклучоци.  Луѓе има, поединци, кои сакаат да носат смели креации. Имам  клиентела од други градови од Македонија, кои се смели   сакаат да бидат   препознатливи. 

     Како гледаш на  облеката   која ја носат велешанки, дали е  во тренд, модерна? 

Не следам трендови, сакам да имам свој стил. Не ги следам тие шаблон варијанти или тренд. Има девојки кои имаат свој стил, што ми се допаѓа.  Им порачувам да продолжат, да бидат свои, не тоа што им го нудат бутиците, да бидат како сите да бидат  една со друга исти. Нека имаат свој препознатлив стил, тоа е оцртување на сопствениот карактер. Забележувам дека има подобрување кај помладите генерации.    

         Дали имаш учествувано на модните недели?

Модното студио ,,Тресор,, учествуваше на Модната недела во Скопје во повеќе наврати.  Има учествувани на иста манифестација во Белград, на џез манифестација во амбасадата на САД во Скопје.     

            Како се снаоѓаш во костимографијата во театарот?

 Тоа најмногу  ме исполнува. Моја голема љубов е  да изработувам костими и тоа од  идеја до реализација.  Според ликот, карактерот, приказната оформувам костим кој ја  одредува личноста и мојата креативност се отвора целосно.  

        Во која мерка учествуваш во изработка на моделите?

Целосно, од почеток до крај од  идеја до реализација, од кроење до шиење Сакам моја идеја да излезе така како што сум ја замислила и затоа сами ги работам.  Моја голема љубов е рачната изработка, за тоа  треба трпение и  љубов. За жал малку се луѓе кои можат да го платат тоа трошење на време и труд.    

                   Што е следен предизвик?

Имам голем број идеи и предизвици, кои полека, полека ги остварувам. Оставам времето да ги донесе следните нешта, да течат по редот на нештата. Работам чекор по чекор. Кога се работи со труд и љубов, нештата ќе дојдат. Се стремам кон подобро  секогаш. Мојата  следна светла точка ќе се види. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »