Петар Печков
Објавено: недела, 29 април 2012
Детство покрај куче, маче или некое друго животно на децата за секогаш им останува врежано во меморијата, а истражувањата покажуваат дека децата кои имаат домашен миленик побрзо се развиваат, полесно се социјализираат и се учат на одговорност од мали нозе.
Децата најмногу сакаат кучиња, но експертите советуваат да не купувате животно додека не се во состојба самостојно да се грижат за него. Најголем проблем за родителите е малиот животен простор, како и дилемата која раса е најдобра и „најбезбедна“ за дете. Дали да се кули мало или големо, расно куче или мешанец, се најчести прашања кои ги мачат родителите.
Експертите тврдат дека не треба на дете да се купува куче кога првпат ќе изјави дека сака куче, посебно ако до тогаш не сте чувале, исто така не се купува куче додека не дознаете дали детето е алергично на влакна од животно. Во такви случаи подобро е првиот домашен миленик да биде мало куче, а за купување на расно куче да се почека додека детето малку не порасне.
Децата често ги менуваат желбите, па непромисленото купување на куче може само да ви создаде проблеми. Пред да одлучите дефинитивно да купите куче, не би било лошо детето да го носите кај пријатели кои веќе имаат куче и да гледате како вашето дете ќе се однесува во контакт со животно. Според препораките на ветеринари на деца до пет години најмногу одговараат расите лабрадор, златен ретривер, њуфаундленд, боксер, пудла, бигл, ирски сетер...
Овие видови на кучиња се лојални, трпеливи со деца и можат да ги издржат сите нивни детски игри - „јавање, тегнење за опаш“ и разни други „малтретирања“. Чивавите, пекинезерите, чау-чау и далматинците не се добар избор за мало дете, велат експертите, бидејќи не реагираат добро на неконтролираното однесување на малите деца. За деца кои се склони на алергии, поволни раси се јоркширски териер, пули, малтезер или шнауцер.
Ако имате помал станбен простор и кучето треба да биде помало, бидејќи големите раси „бараат“ двор и простор за чување и играње. Ветеринарите тврдат дека заблуда е дека големите кучиња, ротвајлер, доберман или дога се опасни за деца. Напротив, тие се заштитнички настроени и многу поврзани за своите мали сопственици.
Сепак, пред да се одлучите на детето да му подарите домашен миленик, добро информирајте се за расата, начинот на исхрана и нега. Многу е важно детето на себе да преземе одговорност за хранење и шетање, бидејќи ако дозволите со него да си поигра неколку дена, а кога ќе му здосади да ја препушти грижата за кучето на вас, ништо добро не сте направиле за неговиот развој и воспитување.
Куче, маче или друг миленик не се играчки и многу е важно животното да го чувате и храните според препораки на ветеринари. Домашниот миленик мора да биде здрав, бидејќи е во постојан контакт со детето. Кучињата и мачките пренесуваат многу болести, па е важно животното редовно да го вакцинирате и да ја одржувате неговата хигиена. Експертите проценуваат дека постојат над 40 видови болести кои од куче или мачка можат да се пренесат на луѓе. Исто така, не советуваат дома да имате бебе и мачка, бидејќи во изметот на мачката можат да постојат бактерии кои можат да го загрозат здравјето на детето.
Ако детето инсистира да добие домашен миленик, наместо куче понудете му рипчиња, папагал, хрчак или морско прасе, бидејќи и со нив убаво ќе се забавуваат, ќе се учат на одговорност и ќе градат однос кон животните.
Текстот е преземен од Вечерње новости - Белград
Tweet |