Петар Печков
Објавено: вторник, 19 јули 2011
Три односно четири часа доцнеа утринските возови на Македонски Железници кои од Кочани и Битола возеа до Скопје. Експресниот воз Пелагонија наместо во 8,30 часот стигна напладне заедно со патничкиот воз од Кочани кој требаше да дојде во Скопје во 8,17 часот.
Повеќе стотина патници беа заробени на отворена пруга без можност да стигнат до посакуваната цел. Возот од Кочани заглави на железничката станица Рајко, каде беше од 8 часот па се до 11 а бројните патници биле изложени на врелото јулско сонце. Експресот ,,Пелагонија,, од Битола пак возел многу споро со брзина од 5 до 10 километри поради што на железничка во Велес наместо во 7,30 стигнал три часа подоцна.
Потоа тој го презел патниците од станицата Рајко, по што во 12 сите заедно допатувале во Скопје. Меѓу нив имало и деца, болни кои оделе на преглед, бизнисмени со договорени состаноци, вработени кои задоцниле на работа. Велешани револтирани од јавашлукот и неодговорниот однос на Македонски железници, чија негрижа денес го доживеа врвот.
Од ЈП Македонски железници транспорт објаснуваат дека причината за доцнењето била што машините, поради високите температури, се прегреале и се расипале, па се јавиле овие проблеми.
Tweet |