речник контакт

Колку вреди донација на ЕЕГ апаратот во велешка Болница

ЈЗУ Општа Болница реагира дека донацијата не е вредна 5 илјади евра, Ротари клубот Велес - платените фактури ја покажуваат вредноста на донацијата

Петар Печков

Раководството на ЈЗУ Општа Болница Велес  реагираше на добиената донација од Ротари клубот Велес, која се состоеше во ЕЕГ апарат, наменет за Нервното одделение. Тие со жалење констатираат дека донацијата е искористена за   лична промоција. При тоа имаат неколку забелешки. 

Цената на донесениот ЕЕГ апарат е од 600 до 800 долари без лаптоп иако фирмата има понуда и со лаптоп за 1000 до 1200 долари, а не 5000 евра.. ЈЗУ Општа болница Велес аплицираше за ЕЕГ апаратот и достави изјава за ослободување од царински давачки, но за жал со апаратот не е доставена пропратната документација која требаше да ја добиеме, а без која ЕЕГ апаратот е исто како и да не постои и не можеме да го внесеме во евиденција. Лицето од Бугарија кое ги монтирало деловите на апаратот, ги известило овластените лица на ЈЗУ Општа болница Велес дека нема овластен сервис во Република Македонија за истиот и дека има гаранција само една година. ЕЕГ апарат со вакви перформанси не може да детектира суптилни промени за поточна невролошка дијагностика- пишува во писмената реакција.  Од ЈЗУ Општа Болница Велес реагираат и дека  апаратот не е марка Филипс, туку Контек од Кина, но овој заклучок е на авторот на текстот а не на Ротари клубот,и е донесен врз основа на приложената фотографија.  

На забелешките на ЈЗУ Општа Болница Велес одговорија од Ротари клубот Велес а се изненадени од невообичаениот начин на благодарност за донацијата.  

Ротари Клуб Велес во своето 17-годишно постоење има реализирано повеќе проекти за поддршка на ЈЗУ Општа Болница Велес, во тесна соработка со сите досегашни раководства на болницата. Во изминатите години клубот има реализирано повеќе донации. Затоа од  Ротари Клуб Велес со неверување го примивме соопштението на ЈЗУ Општа Болница Велес преку кое за последниот дониран ЕЕГ апарат болницата на крајно невообичаен начин се ‘заблагодаруваат’ на донацијата. Во интерес на вистината, Ротари Клуб Велес ја известува јавноста дека набавката на ЕЕГ апаратот со придружната ИТ опрема клубот го чинеше вкупно 277.500 денари, зголемено за пропратни оперативни трошоци, според фактури кои се уредно исплатени на добавувачите од жиро-сметката на клубот. Ротари Клуб Велес и во иднина останува посветен на својата мисија за помагање и служење на заедницата и ќе продолжи да ги насочува своите активности кон реализација на проекти од интерес за граѓаните на нашата општина - објаснуваат од Ротари клубот Велес. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »