Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 мај 2019
Од продолжениот викенд, вратите на салонот за намештај на ,,Нефа-мебел,, во Велес се затворени. Преку прозор може да се забележи дека е празен, ништо од стоката која се нудеше до четвртокот попладне. И вообичаено се продаваше со големи попусти, како што милуваа да се рекламираат од произведувачот.
Во јавноста се крена голема врева по (не)очекуваното и изненадено заминување на производителот. Разбирливо бидејќи, се што се купуваше во ,,Нефа мебел,, беше авансно,,. плаќаш па добиваш по 40 дена. Затоа е присутна дилемата колкумина потрошувачи, велешани измами рускиот производител, кој преку Србија и Македонија влезе на Балканот. Од продавниците во соседството раскажуваат дека доаѓаат поединци и прашуваат за заминувањето на производителот.
Идат луѓе, прашуваат како, кога заминаа, ќе постојат и си одат. Ќе ги прашаме дали платиле, дали чекаат роба, молчат и не одговараат. Продавницата се испразни во четвртокот навечер, околу 8 дојдоа. Се чудевме што толку роба се носи пред празник, кога тие не носеа, туку изнесуваа. По некое време ја испразнија и заминаа - вели сосед од блискате дуќани.
,,Нефа мебел,, со производство започна минатата година пролетта, во изнајмени простории на некогашен ЈУМКО во Врање -Србија. Во Македонија имаше 14 продавници, во Велес од јуни мината година. А дека било чудно уште во стартот раскажуваат купувачи.
Ја плативме стоката и иако беше во прво време рок на испорака 10 дена, ја добивме по три месеци и тоа со постојани реакции од наша страна. Тие очигледно со наши пари го произведуваа мебелот, ние си го финансиравме. Не се добиваше веднаш по уплатата, туку многу, многу подоцна - вели соговорник кој купил мебел минатата година. Надлежните велат, оштетените да тужат или ако отиде во стечај да пријават побарување.
Зошто да тужам, кога немаат никаков имот, само ќе платам трошоци ништо нема да добијам. Исто е и со стечајот, од каде од која маса ќе си наплатам кога тие немаат никаков имот - вели потрошувач кој платил пред три седмици а останал и без пари и без мебел.
Дека заминувањето на ,,Нефа мебел,, било планирано, зборува и тоа што стоката од продавниците е преземена вечер пред продолжениот викенд, фејсбук страницата и веб страницата не постојат. Неколкуте разочарани потрошувачи кои беа пред продавницата, кај Градскиот саат, велат дека ова е најголемата измама во градот во 21 век.
Tweet |